Варена овесна каша со рогач

За овесната каша веќе имавме многу постови и знаеме дека е одличен избор за појадок. Полна е со многу нерастворливи растителни влакна кои го подобруваат варењето и го помагаат празнењето на цревата. Доброто со овесната каша е што можете да ја збогати со намирници, овошје и семиња по ваша желба, со што ќе и дадете посебна хранливост.

Јас имам подготвувано овесна каша на различни начини. Некогаш ја подготвувам со ладно млеко или вода и ја оставам да стои цела ноќ, за да се апсорбира водата. Кога ми се брза ги потопувам овесните снегулки со млака вода или млако млеко, но денес одлучив сосема кратко да ги варам овесните снегулки. Резултатот беше фантастичен.

Потребни состојки:

  • 4 лажици овесни снегулки
  • 150 ml вода
  • 1 лажица квалитетен мед
  • 1 лажичка кокосово масло
  • 1 лажичка рогач во прав
  • ½ банана
  • овошје по желба (јас користев замрзнати боровинки и јагоди).

Начин на подготовка:

Овесните снегулки и водата ставете ги на оган и оставете водата да зоврие. Постојано мешајте дури не почне да врие, но кога ќе почне силно да врие намалете на најслабо и варете околу 3-4 минути. Потоа тргнете ја овесната каша од оган и во неа додадете 1 лажичка кокосово масло, 1 лажица мед и 1 лажичка рогач во прав. Измешајте убаво дури не се добие хомогена смеса. Ставете ја овесната каша во чинија и оставете ја да се олади. Како што ќе се лади, ќе станува уште погуста. Одозгора наредете кругови банана и додадете некое овошје по желба. За декорација, но и за поголема хранливост можете да наросите со малку чиа и ленено семе.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *