Како да го направите здравиот начин на исхрана и вежбањето животен стил (20 основни правила)

Споделете со пријателите

Поставувањето на строги правила во секојдневното живеење е навистина тешко и скоро никогаш не завршува со убав резултат, затоа што кога-тогаш искушенијата надвладуваат. Многу е лесно од страна да сугерираме како треба некој да се храни, како да живее, што и кога да јаде, но сето тоа во пракса изгледа малку поинаку.

Сите ние сме луѓе…луѓе со фамилии, со милион обврски и работно време кое ни одзема дури и до 10 часа дневно, ако не и повеќе. И како во целиот овој “хаос” да останеме здрави, без вишок килограми и полни со енергија?……..

За промена на животниот стил е потребно време, но сепак од негде мора да се започне.

Луѓето најчесто се решаваат да воведат промени во исхраната и да започнат да вежбаат поради физичкиот изглед, а според мене тоа треба да биде во сосема некој си втор или можеби трет план. Она што е најбитно е нашето ЗДРАВЈЕ, и тоа треба да ни биде најголем мотиватор за промена на животниот стил!

Сведоци сме на се повеќе заболувања и болести кои се проблем на денешницата. Дијабетесот кој порано беше карактеристичен само за повозрасната популација сега е веќе присутен и кај децата. Проблемот со покачен холестерол и триглицериди во крвта го има секој втор човек без разлика на годините. Високиот крвен притисок кој исто така порано бил резервиран само за постарите, сега е веќе проблем за скоро сите генерации. Но, не треба да се занемарат и хормоналните преместувања кои ги предизвикува дебелината и неактивниот начин на живот. Сведоци сме дека се повеќе млади брачни парови не можат по природен пат да добијат принова.

Можеби ќе ве интересира: Што е метаболички синдром и како да препознаете дали го имате?

Каде да ја бараме причина?

Јас би рекла првин да си тргнеме од себе си и да го направиме за себе тоа што најдобро можеме! Факт е дека негативните влијанија од средината не можеме да ги намалиме толку лесно (зрачење, загадување и сл.), но зошто тогаш дополнително да го измачуваме и телото со брза, процесирана и нутритивно сиромашна храна која придонесува за нарушување на здравјето.

За да се храните здраво не е потребно многу. Здравата исхрана се опишува со само три зборови: избалансираност, разновидност и умереност. Навистина не е потребно да се откажете од ништо (добро од слатки и чипс да 😊) за да започнете да се храните здраво.

Прочитајте неколку мали трикови кои би можеле да ви помогнат во промената на животниот стил. Но, бидете внимателни и не се залетувајте, пробајте да ги воведете овие правила постепено, затоа што колку повеќе се залетате наеднаш, толку е поголема веројатноста дека побргу ќе се откажете.

1) Исфрлете ги од исхраната вештачките шеќери (чоколадо, слатки, разни кекси, газирани пијалаци, џусови и сл.).

2) Воведете салата со секој оброк.

3) Трудете се да јадете разновидна и што е можно посвежа храна.

4) Со овошјето бидете внимателни, затоа што содржи многу шеќер (тука проверете колку шеќер содржи вашето омилено овошје).

5) Јадете јајца 2-3 пати неделно (повеќе за јајцата, прочитајте тука).

6) Пробајте белиот леб да го замените со интегрален леб од цело зрно (не јадете кифли, грисини и пецива кои се многу нутритивно сиромашни) – рецепт како сами да си направите домашно интегрално лепче.

7) Ако ви се грицка, заборавете на смоки, чипс и грицки, земете 5-6 бадеми или лешници.

8) Внимавајте на внесот на сол, не ги досолувајте јадењата.

9) Пијте по минимум 2 литри вода дневно или најдобро околу 1 литар на 25 kg телесна маса.

10) Трудете се да ги сведете на минимум сите готови производи кои се полни со конзерванси.

11) Ако ве фати криза за благо, земете некоја овошка или пак црно чоколадо.

12) Внимавајте со кафето, две кафиња на ден се сосема доволни.

13) Не јадете сувомеснати производи и непроверено месо.

14) После главен оброк не посегнувајте веднаш по ужинка, почекајте барем 3 часа.

15) Поставете си цел и организирајте се навреме за следниот ден, за да не се случи поради тоа што ви паднал шеќерот да паднете во искушение.

16) Вечерата нека биде 2 часа пред да одите во кревет.

17) Трудете се да спиете од 6-8 часа секоја ноќ.

18) Бидете активни, пешачете, возете велосипед, трудете се да не користите лифт.

19) Запишете се на некоја групна физичка активност (пилатес, аеробик, јога, зумба и сл.) или пак во теретана.

20) Барем еден ден од викендот потрудете се да го поминете во природа.

За да успеете, потребно е да си поставите вистински и реални цели, да бидете трпеливи и упорни. Запомнете дека со изговори нема успех!  Ако постојано си давате изговори и се трудите со тоа да се оправате пред себе, не си правите услуга.

Почитувајте се себеси и немојте да се откажувате лесно! Силниот карактер се гради со решителност, но секако и со труд.

Среќно!!!

Фото: Vrzalski Photography

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *