Предлог за хроно појадок: Вкусни мафини од наут и зеленчуци

Одличен предлог за вкусен и здрав хроно појадок. По желба можете да им додадете и други зеленчуци или пак било што сакате.

Ако не сте на хроно исхрана овие мафини се одлични и за ручек и вечера.

Потребни состојки:

  • 100 g наут (киснат во вода преку ноќ)
  • 1 јајце (може да го замените со 1 голема лажица ленено или чиа семе киснато во вода околу 1 час)
  • 1 лажица путер (стопен на пареа)
  • 2 листови блитва
  • ½ тиквица (изрендана и исцедена од водата)
  • малку млад кромид
  • малку лук
  • неколку листови магдонос
  • хималајска сол, црн бибер, оригано и куркума.

Начин на подготовка:

За да не купувате веќе омекнат наут од конзерва, најдобро е да купите суров, да го потопите во вода и да го оставите да стои во фрижидер преку ноќ. Тоа е доволно време да омекне и да биде спремен за подготовка.

Следниот ден најпрвин исфрлете му ја водата и додадете сосема малку нова вода (околу 1 лажица) и ставете го наутот во блендер. Потребно е да добиете густа смеса. Потоа претурете го изблендираниот наут во подлабок сад и таму додадете го јајцето, стопениот путер, блитвата, изренданта тиквичка, младиот кромид, магдоносот и лукот и посолете со малку хималајска сол. На крај додадете некои ваши омилени зачини. Јас додадов црн бибер, оригано и куркума.

Со една голема лажица убаво соединете ја смесата и ставете ја во калапчиња за мафини. Јас користам гумени калапчиња и навистина сум презадоволна затоа што се практични и за чување, но и за печење и миење, воопшто не лепат.

Одозгора врз секој мафин доколку сакате можете да наросите малку лен и сусам.

Печете ги мафините на температура од 200-220°С околу 10-12 минути и потоа уште 15 минути на 180°С.

Комбинирајте ги како на сликата, со свежа краставица, домат, пиперка и малку свеж босилек.

На здравје!

Повеќе идеи за хроно појадок, пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *