Гладни во супермаркет: што да купите за здрав оброк или ужина?

Споделете со пријателите

Праксата за подготовка на здрав оброк пред да одите на работа или било каде надвор од дома би требало да биде навика за сите оние кои сакаат да се хранат здраво и да се грижат за своето здравје. Сепак, колку и да сакате постојано да правите така, ќе има моменти кога непланирано и брзо ќе мора да одите негде и вашиот оброк ќе остане неиспланиран….Што да правите во ваква ситуација и каков оброк да изберете?

За среќа супермаркетите денес се добро снабдени и во нив можат да се најдат најразлични здрави намирници кои изобилуваат со сите потребни нутритиенти и лесно можат да се вклопат во вашето здраво мени.

Но, дали ви се случило и вам да одите гладни во маркет и да посегнете по било што само затоа што сте прегладнети?…Сигурно одговорот е да…Како да се контролираме во такви афектни моменти?….

Во ваквите моменти на слабост потребно ви е да останете доследни на тоа што сте вие. Пред да посегнете по високо калоричниот сендвич со шунка или по бурекот со сирење размислете два пати дали тоа ќе ве направи посреќни и како ќе се чувствувате после овој оброк. Тоа ќе ве натера да останете приземни и сепак да не посегнете по тој оброк.

Што е најправилно да изберете во такви моменти? Ние подготвивме неколку корисни совети и 5 предлог оброци кои можете да ги купите од супермаркет. Тоа се оброци кои нема да ви ја нарушат диетата и после нивното консумирање нема да имате грижа на совест.

  1. Јаткасти плодови и по можност свежа салата

Најбрз здрав оброк секако дека е шака јаткасти плодови. Нив можете да ги најдете сегде, изберете несолена и непечена варијантана и за миг ќе го намалите лакомото чувство за глад. Јаткастите плодови се калорични, но богати со многу хранливи состојки и многу омега-3 масни киселини. Изедете околу 50 или максимум 100 грама во зависност од тоа колку сте прегладнете. Доколку во маркетот во кој се наоѓате има опција за готови свежи салати, земете и салата и измешајте ги јатките во салатата. Тоа е прав погодок за брз и здрав оброк.

  1. Интегрален сендвич

Во скоро секој подобро снабден маркет каде што се продаваат пецива можете да најдете и некоја интегрална варијанта, доколку има изберете интегрален сендвич, најдобро е да биде со некое младо сирење кое не е многу калорично (фета, моцарела и сл.). Доколку постои можност комбинирајте го сендвичот со салата.

  1. Протеински интегрални крекери и јогурт

Протеинските интегрални крекери ќе ги најдете во секој добро снабден маркет. Освен што содржат протеини содржат и многу влакна така што одлични се за подобра дигестија. Изедете 3-4 во зависност од нивната големина во комбинација со јогурт кој е полн со пробиотици.

  1. Протеински чоколаден бар

Протеинските чоколадни барови најчесто содржат околу 30% протеини и се одлични за да ја згаснат желбата за јадење. Најчесто содржат многу малку јаглехидрати, но сепак бидете внимателни и прочитајте го составот. Протеинскиот бар е одличен затоа што се јаде набрзина, а сепак прави да се чувствуваме сити подолго време.

  1. Туна со салата

Туната е достапна секаде. Најдобра комбинација е туна со свежа салата. Доколку во маркетот во кој се наоѓате има опција за купување на свежа салата тогаш задолжително изберете порција салата и измешајте ја туната со салатата. Доколку пак нема опција да купите салата, купете само 1 краставица и вие направете си мини салата од краставица и туна.

Овие 5 предлози се едноставни начини како разумно да ја надминете кризата  на прегладнување која може да ве натера да ја прекршите диетата и да посегнете по високо калоричен оброк кој само ќе ве направи да се чувствувате помрзливи и неенергични.

Секогаш размислувајте за храната како гориво за живот, затоа што кога телото е гладно тоа бара хранливи нутритиенти, а не само празни калории.

Среќно!!!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *