Дали путерот од кикиритки е навистина здрав?

Путерот од кикиритки е без конкуренција еден од најпродаваните путери од јаткасти плодови. Неговата популарност рапидно порасна во последните неколку години откако се повеќе се актуелизира темата со здрави масти, а путерот е еден од намирниците кој е богат со нив. Но дали тој голем процент на масти ќе ви ја поремети диетата и ќе ви го покачи холестеролот?… Да тргнеме од почеток и да го погледнеме нутритивниот состав на 100 грама путер:

  • енергија: 623 kcal
  • масти: 49,2 g (од нив 6,8 g заситени)
  • јаглехидрати: 16,1 g
  • диететски влакна: 8,5 g
  • протеини: 25,8 g
  • сол: 0,4 g

o-PEANUT-BUTTER-facebook

Големиот процент на масти е една од главните причини зошто некои луѓе го избегнуват путерот од кикикритки. Но, јасно е дека ако количината која ја внесувате влегува во вашиот нутритивен план и не ви го пореметува калорискиот внес, немате зошто да се грижите.

Освен тоа кога се зборува за здравствени придобивки од употребата на путер од кикиритки, под знак прашалник се става и процентот на заситени масти. Но, и тоа не би требало да ве загрижува затоа што постојат бројни истражувања кои докажуваат дека токму заситените масти имаат поволен ефект врз лачењето на одредени хормони. Сепак внесувањето на заситени масти би требало да биде контролирано, затоа што исхрана која изобилува со вакви масти може да биде причина за зголемување на холестерот во крвта, проблеми со срцето, дијабет, дебелина и сл.

Освен мастите и големиот број калории се една од причините зошто луѓето се плашат да го конзумираат путерот од кикиритки. Една мала лажика може да содржи и до 200 калории во зависност од тоа колку путер ќе заграбите :). Тоа би можело да претставува проблем кај луѓе кои се на диета со ограничен внес на калории. Проблемот сепак не е во една мала лажичка, туку во фактот што путерот од кикиритки е толку вкусен што ќе ве тера повторно и повторно да посегнете по него, па од една лажичка стануваат 2-3-4…..

Путерот од кикиритки е енергетски високовредна намирница, но тоа не треба да биде причина да го исфрлите од исхраната. Бидете свесни за тоа колку калории внесувате и колку трошите и трудете се да не излегувате од тој дозволен лимит.

Причини зошто да јадете путер од кикиритки

Содржи протеини

Само две големи лажици путер од кикирики содржат вкупно 7 грама протеини, исто колку и едно јајце.

Ќе ве одржи сити подолго време

Путерот од кикиритки поради фактот што содржи многу масти и многу калории ќе ве одржи сити подолго време. Јаболко со 1 лажица путер од кикиритки може да ви биде одличен појадок кој ќе ги спречи нападите на глад во текот на денот.

Намален ризик од срцеви заболувања

Заситените и незаситените масти во путерот од кикирики се во ист сооднос како и маслиновото масло. Тоа се здрави маснотии кои го намалуваат ризикот од срцеви заболувања и дијабетес.

Други здравствени придобивки

Путерот од кикирики е богат со Б и Е витамини, а од минералите содржи калиум, магнезиум, цинк, фосфор, калциум и бакар. Овие состојки придонесуваат пред се за подобра работа на мускулите, нивна обнова, поздрави заби и коски, како и посилни нерви.

Како да изберете путер од кикритки?

Најдобра опција е да си направите сами. Целата постапка е многу едоставна, потребни ви се само кикритки и тоа лупени, непечени и несолени и малку маслиново масло. Првин ставете ги кикиритките во рерна само 5-10 минути на 180°С за да заруменат и добијат убава арома. Потоа ставете ги во блендер и блендирајте неколку минути, односно дури не добиете убава кремаста смеса. Маслиновото масло можеби и нема да ви биде потребно бидејќи кикиритките ќе пуштат доволно маснотија.

Здрав сладолед од банана и путер од кикиритки 

Сепак ако не сте во можност да си подготвите сами, кога купувате внимавајте на составот. Бирајте путер кој е подготвен само од кикиритки и е без додадоци и без дополнителен шеќер. Исто така на пазарот постои и чоколаден путер од кикритки кој најчесто е засладен и богат со дополнителни калории. Ако сте љубител на чоколаден путер еве ви идеја како да подготвите Чоколаден путер од бадеми.

Дарко Колев

Долгогодишен спортист , маратонец, зависник од теретана и активен животен стил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *