Во хроно исхраната свинското месо е дозволена намирница за појадок и ручек. За вечера се препорачуваат полесни и помалку мрсни меса (пилешко и мисиркино). О ва правило важи и за оние кои се во рестрикција, но и за оние кои не се.
Наш предлог за здрав и вкусен хроно оброк е динстано свинско месо со нане и пире од карфиол.
Потребни состојки (за 2 лица):
- 400 g свинска кртина
- 1 лажичка суво нане или неколку гранчиња свежо
- 2 лажици маслиново масло
- 400 g карфиол (1 китка со средна големина)
- 1 лажица сенф
- малку хималајска сол, црн бибер и куркума
- салата по желба (марула, краставица и сл.).
Начин на подготовка:
Месото насечете го на 4 парчиња. Посолете го со малку хималајска сол, црн бибер и куркума. Во тавче со капак ставете 1 лажица маслиново масло да се загрее, па ставете го месото. Сосема кратко пропржете го дури малку не зарумени, потоа налејте 200 ml вода. На крај додадете го нането и поклопете го тавчето. Намалете го шпоретот на тивко и оставете го да се динста минимум 1 час. Колку подолго се динста, толку месото ќе биде покревко.
Карфиолот насечкајте го на ситни цветчиња и ставете го во вода да се свари. Кога убаво ќе омекне, тргнете го од оган и со алатка за пире убаво изгмечете го. На крај додадете 1 лажица маслиново масло, 1 лажица сенф, малку сол и зачини по сопствен вкус.
Комбинирајте го овој вкусен ручек со свежа салата по избор.
Добар апетит!