Енергетски безглутенски бисквитчиња со експандиран ориз

Овие вкусни, крцкави и неодоливи бисквитчиња се одлична здрава енергетска бомба и одлично се комбинираат со чај или кафе. Можете да ги јадете пред вежбање за енергија или пак како вкусна и здрава ужинка за било кој дел од денот.

Потребни состојки:

  • 100 g мелени лешници
  • 100 g мелени бадеми
  • 100 g експандиран (безглутенски) ориз (изблендиран во блендер како брашно)
  • 3 лажици кокосов шеќер
  • 3 лажици мед
  • 3 лажици чиа семе
  • сок од 1 портокал
  • 3 лажици кокосово масло
  • 2 лажици како путер
  • по потреба многу малку вода.

Начин на подготовка:

Бадемите, лешниците и експандираниот ориз најпрвин измелете ги во блендер. Експандираниот ориз кога ќе се изблендира ќе наликува на брашно. Соединете ги сите три намирници во еден подлабок сад и во него додадете го чиа семето и кокосовиот шеќер.

Во огноотпорен сад на пареа стопете го кокосовото масло и какао путерот. На крај додадете ги маслата во смесата заедно со сокот од портокал и медот. Убаво измешајте и доколку смесата е многу густа додадете многу малку вода. Густината би требало да наликува како на смеса за колачи, да може да се меси, а не да биде ретка.

Истурете ја содржината на хартија за печење и со сукало истенчете ја, ставете ја во рерна на 120°С да се суши околу 30-40 минути, потоа извадете ја и со калапи за колачи исечете форми. Вратете пак назад во рерната и сушете уште минимум 1 час, можете и повеќе доколку сакате бисквитчињата да бидат покрцкави.

На крај остатоците од крајчињата внимателно тргнете ги, ќе ви останат само убави форми на крцкави и ароматични здрави бисквитчиња кои можете да ги складирате во некој стаклен сад и да ги чувате неколку денови.

Добар апетит!

Повеќе идеи за здрави рецепти, пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *