Што е заедничко кај сите успешни диети?

Најважниот услов во секоја успешна диета

За една диета да биде успешна мора да го задоволува основниот услов за слабеење. Ова е условот поради кој можете и со најлошата храна да слабеете, а од друга страна и со најздравата храна да покачите килограми.

Ова е правило на “калориски дефицит” или малку поинаку кажано, трошете повеќе калории отколку што внесувате во еден ден. Незадоволувањето на овој услов е причина поради која многу диети кои содржат исклучиво здрава храна не ви помагаат да ослабете. Едноставно е невозможно да ослабете ако консумирате 2500 калории дневно, а трошите само 2000.

Контрола на апетитот

Многу важен момент во секоја успешна диета е да сте доволно истрајни за да ги постигнете посакуваните резултати. Доколку одредена диета која ја држите ве изгладнува, тоа ќе биде измачување кое нема да го издржете долго време.

Очекувано е дека при секоја промена на режимот на исхрана ќе постои одреден период на адаптација од околу недела дена кој ќе мора да го издржите. Но, доколку одредена диета и после тој период ве остава гладни, нема да може да ја издржите долго време.

Затоа успешни се оние диети кои ви го контролираат апетитот со храна која е ниска со калории и е полна со вода. Ако веќе погодувате станува збор за огромните количества на свеж зеленчук. Во денешно време постојат мал милион диети, но во сите главно место зазема зеленчукот. Од една страна постои веганска диета која забранува секаков внес на храна од животинско потекло, а од друга страна ја имаме палео диетата каде месото и јајцата се консумираат по неколку пати дневно. Но, единствена заедничка работа меѓу овие две диети е токму зеленчукот.

FitLife совет: Јадете по две салати секој ден и потоа нема да имате место во стомакот за лоша храна.

Храна што е секогаш забранета

Процесирана храна

Сигурно имате забележано дека процесираната храна не е дел од скоро ниедна диета. Доколку е дозволена, тогаш тоа е многу ретко и во многу мали количини.

Ова е поради две причини:

  • Вештачки адитиви и конзерванси – Доколку го прочитате составот на некоја конзервирана храна, секогаш ќе наидете на неколку состојки кои не ги препознавате. Ова се вештачките емулгатори, додатоци за вкус и конзерванси кои ви наштетуваат на повеќе начини: Содржат хемикалии кои се штетни за организмот, содржат многу калории во мала грамажа, вештачки го подобруваат вкусот со што ви го зголемуваат апетитот и долгорочно ве навлекуваат се почесто да посегнувате по таква храна.
  • Содржат премногу калории во мало пакување – Со самото ова многу е лесно да го надминете вашиот дневен калориски внес и да не го задоволите основниот услов за слабеење, калорискиот дефицит.

Да бидеме појасни овде спаѓа: брзата храна, процесираната конзервирана храна и храната со екстремни вештачки вкусови. Под екстремни вкусови подразбираме премногу блага или премногу солена храна.

Бело брашно

Белото брашно не е добро да се консумира поради две причини:

  • Глутен – иако бројот на луѓе кои се многу алергични на глутен е многу мал, сепак глутенот го успорува варењето на храната и кај најголем дел од популацијата го успорува метаболизмот.
  • Високиот гликемиски индекс – Секоја храна со висок гликемиски индекс предизвикува прекумерно покачување на инсулинот во крвта, што може да доведе до дијабетес, срцеви заболувања, покачен крвен притисок и многу други кардиоваскуларни проблеми (повеќе за тоа што е гликемискиот индекс, прочитајте тука).

Бел шеќер

Проблемите со белиот шеќер се следни:

  • Највисок гликемиски индекс – како што спомнавме погоре, храната со висок гликемиски индекс придонесува за зголемен ризик од низа метаболички пореметувања како дијабетес, срцеви заболувања, покачен крвен притисок и тн.
  • Зависност од благо – честата консумација на шеќер предизвикува зависност. Било направено испитување каде била набљудувана мозочната активност на луѓе пред да јадат шеќер, додека јадат и после јадењето на шеќерот. На крајот од студијата било забележано дека при јадењето шеќер се активираат истите центри за задоволство во мозокот како и при земање на кокаин. Ова е воедно и причината за зависноста од благо која е секојдневие за се повеќе луѓе.

Течни калории

Сите знаеме дека газираните пијалаци се полни со шеќери и во многу ситуации се една од главните причини за зголемување на килограмите.

Но, немојте да се залетувате и да мислите дека соковите на кои е декларирано дека се 100% природни се вистински “здрави” и  “природни”, затоа што и овие сокови се полни со калории и со скриени шеќери. Доколку погледнете на етикетата ќе забележите дека овие сокови имаат исто толку калории како и газираните. Дополнителен проблем е што “здравите” сокови се пијат многу побргу во однос на газираните пијалаци.

Алкохол

Нашето тело го смета алкохолот за отровна супстанца и по внесување во организмот веднаш започнува да го процесира. Најлоша комбинација е прекумерно пиење алкохол во комбинација со калорична храна. Во таков случај нашето тело е презафатено брзајќи да го исфрли алкохолот од крвта така што нема време за преработка на храната. Бидејќи алкохолот содржи исто така калории кои се поразлични од оние на нутритиентие, телото ги користи нив како енергија, а енергијата и калориите од храна ги складира во форма на масни наслаги.

Дарко Колев

Долгогодишен спортист , маратонец, зависник од теретана и активен животен стил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *