За FitLife

Од каде идејата за FitLife?

Водена од мислата дека здравата исхрана може навистина да биде вкусна, вежбањето и физичката активност животен стил, а третманите за убавина едноставни, евтини и ефикасни решив да започнам со авантурата наречена FitLife.

Со вежбање започнав кога имав 13 години. Желбата за вежбање од тогаш до денес никако не ме напушта. Едноставно секој нов тренинг кој ме полни со позитивна енергија ме тера да размислувам и со нетрпение да го чекам следниот. Имајќи го во предвид фактот дека повеќето од нас поминуваме по 8 часа минимум во седење вклучувајќи ме и мене, вежбањето и физичката активност му се потребни на секого.

Искуството како пилатес инструктор ми докажа дека пилатесот е една од најдобрите рутини за анулирање на ефектите од целодневното седење. Пилатес вежбите го активираат целото тело, со главен акцент на нозете и абдоменот. Тие успеваат да ја подобрат циркулацијата во секој дел од телото и после тренинг си заминувате дома со трипати повеќе енергија. Постојат мал милион пилатес вежби што ми овозможуваат да креирам интересни комбинации и ниеден час да не е ист. Разноликоста на часовите е најголемиот мотиватор за сите мои вежбачи. Се обидувам поинтересните вежби да ги пренесам и на Вас читателите на FitLife.

Кога станува збор за козметика јас верувам дека природната козметика и маските за тело, коса и лице подговени од намирници од нашата кујна и билки од природата имаат многу позитивно влијание врз кожата. Во оваа област започнав да експериментирам уште на 16 годишна возраст со различни комбинации на маски за лице и коса. Тоа ми беше инспирација да направам три препарати (лосион за акни, мелем за херпеси и мелем за изгореници) од природни билки со кои учествував на меѓународниот саем на иновиации Макинова во 2008 година во Скопје каде што освоив златна плакета. Ова ме мотивираше да се запишам и во рекордно време да го завршам Фармацевтскиот факултет со што и професионално го надоградив своето знаење. Ефективноста на овие природни производи ја искусувам на сопсвена кожа, користејќи ги овие препарати повеќе од 8 години. Сето тоа ме мотивира да ги споделам моите искуства и знаења во оваа облат со Вас читателите на FitLife.

Здравата исхрана е неопходен дел од здравиот живот и е во тесна корелација со вежбањето. Едноставно кога се занимвате со некоја физичка активност потсвесно се трудите да јадете поздрава храна. Јас како студент од друг град бев принудена на некој начин сама да си ги подготвувам и организирам оброците. Сето тоа ме научи многу добро да се снаоѓам во кујната и да ги комбинирам намирниците кои ги имам во моментот и тоа на многу креативен начин. Вежбањето од друга страна ме инспирираше да готвам здрава храна и да експериментирам во комбинирање здрави намирници на различни начини. Многу од рецептите кои ги споделувам со Вас се успешни експерименти од мојата кујна.

Како главен уредник и автор на  овој сајт целта ми е да го пренесам моето искуството и знаењето од областа на здравата исхрана, вежбањето, природната козметика и фитотерапијата.

Се надевам дека заедно со мојот тим сето тоа што го споделуваме со Вас ќе ве охрабри да се свртите кон сопственото здравје, да започнете да се храните здраво и да бидете повеќе физички активни.

Физичката активност и здравата исхрана ќе Ве направат поуспешни луѓе, затоа што само така ќе имате доволно енергија да ги совладате сите предизвици кои ги нуди животот.

Останете мотивирани и мислете на своето здравје, а ние ќе продолжиме да Ве мотивираме и секојдневно да Ви даваме идеи и совети за здрав и исполнет живот.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Инструктор по Аеробик и Пилатес.