Здрави мафини од киноа и наут

Споделете со пријателите

Овој рецепт е уште еден од оние случајни, онака набрзина кога сакам да јадам нешто убаво, а немам многу време.

Имав наут и киноа, па набрзина смислив лесен начин како да ги искомбинирам. Киноата секако морав прво да ја сварам за што се потребни помалку од 10 минути (прочитајте повеќе). Наутот обично го купувам во тегла така што тој веќе беше омекнат и спремен за употреба.

Ако купите свеж наут можете или да го варите или пак да го оставите да омекне потопен во вода преку ноќ. Наутот е и основна намирница за подготовка на хумус, одличен вкусен и здрав намаз кој можете да го комбинирате на многу начини (рецепт, пронајдете тука).

Еве ги потребните состојки за подготовка на 8 вкусни мафини од киноа и наут:

  • 200 g омекнат наут
  • 100 g варена киноа
  • 1 лажица овесни снегулки
  • 1 младо кромитче
  • 1 јајце
  • 1 лажица маслиново масло
  • малку хималајска сол, лук во прав и куркума.

Начин на подготовка:

Наутот, киноата и јајцето ставете ги во сецко/блендер и убаво измешајте ги. Истурете ја во подлабок сад соединетата смеса и во неа додадете ги овесните снегулки и ситно исечканото младо кромитче. На крај додадете го и маслиновото масло и зачините. Со лажица убаво соединете ја смесата и наполнете ги калапчињата за мафини. Оваа количина е доволна за околу 8 мафини, сепак тоа ќе зависи од големината на калапчињата.

Ставете ги да се печат во загреана рерна на 200°С околу 20-тина минути. Потребно е убаво да заруменат.

Комбинирајте ги овие вкусни мафини со свежа салата и златна мешавина од варен морков, грашок и пченка.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *