Здрави мафини со просо и броколи

Затоа зошто е здраво просото мислам дека ве убедивме, но доколку го пропуштивте текстот повеќе прочитајте тука.

Освен вкусниот чоколаден пудинг од просо имаме и солен рецепт за мафини со просо и броколи. Но, да не должиме многу еве го рецептот:

Потребни состојки:

  • 150-200 g броколи
  • 100 g просо
  • 1 главица кромид
  • 2 јајца
  • 3-4 лажици кисело млеко
  • 1 лажица маслиново масло
  • малку сол, црн бибер, оригано и лук во прав
  • малку интегрален сусам.

Начин на подготовка:

Првин броколите сварете ги дури убаво не омекнат. Сварете го и просото дури убаво не омекне и потоа фрлете му ја вишокот вода. Главицата кромид изрендајте ја. Кога броколите ќе се сварат ставете ги во блeндер или изгмечете ги со вилушка, додадете го свареното просо, јајцата, ренданиот кромид, киселото млеко, маслиновото масло и зачините. На крај убаво измешајте.

Кога ќе добиете хомогена и еднолична смеса полека ставајте од смесата во калапи за мафини. Од оваа количина би добиле од 12 до 15 мафини во зависност од големината. Секој мафин одозгора наросете го со интегралниот сусам. Печете на температура од 180°С околу 20 до 25 минути.

По желба во овој рецепт можете да додадете и сирење или некој друг зеленчук по желба како рендан морков, рендана тиквичка и сл.

Овие мафини се одлични за здрав појадок заедно со чаша јогурт.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *