10 здрави производи кои всушност ви наштетуваат

Споделете со пријателите

Во денешно време на интернет може да се пронајдат многу контрадикторни ситуации кога е во прашање храната. Трендот на здравата исхрана станува се попопуларен со што компаниите се обидуваат со безброј маркетиншки трикови секој производ да го претстават како добар за вашето здравје.

Ви претставуваме 10 производи кои гледајќи го пакувањето, изгледот и рекламата изгледаат како здрави производи, но доколку поблиску ја погледнеме етикетата ќе забележиме дека тоа воопшто не е вистина.

1) Овошни сокови

Овошните сокови од најблискиот супермаркет воопшто не се она овошје во шише кое го гледаме на рекламите. Сите знаеме дека 95 % од составот е вода, шеќер и вештачки ароми. Дури и соковите кои се 100% од свежо исцедени портокали не се толку здрави колку што се опишуваат. При цедењето на овошјето се отфрлаат сите витамини кои ги има во пулпата на овошјето и дополнително се процесира исцедениот сок за да се овозможи подолг рок на траење на производот. Затоа наместо да купувате исцедете си сами, така ќе знаете што всушност пиете.

Наш предлог: Освежувачки сок од портокал, морков и ѓумбир.

2) Интегрално пченично брашно

Вистина е дека интегралното пченично брашно е поздраво од белото, но ова не значи дека интегралното брашно е 100% здрава намирница. Ова е исто како да збориме дека филтрираните цигари се подобри од пушењето чист тутун. Иако тоа е вистина, сепак ниту еден вид на цигари не се добри за здравјето. Интегрално пченично брашно заедно со белото се главниот извор на глутен во секојдневната исхрана. Многубројни студии покажуваат дека најголемиот дел од населението покажува помала или поголема осетливост на глутен. Доколку сте алергични на глутен, пченичното брашно може да предизвика недостаток на многу витамини кои се неопходни за нормално функционирање, а исто така и да допринесе за зголемување на “лошиот” холестерол дури до 60%.

3) Агаве нектар

Во делот за здрава храна сигурно сте забележале производи без шеќер засладени со агаве нектар. Главниот проблем со агаве нектарот е што тој содржи 90% фруктоза споредено со обичниот шеќер кој содржи 50% фруктоза и 50% глукоза. Големото количество на глукоза може да биде проблем за оние кои не вежбаат редовно. Еден дел од внесената глукозата се складира во црниот дроб и во мускулите во форма на гликоген, друг дел се користи за генергирање на енергија, а таа што ќе остане се претвара во масти. Исто е и со фруктозата, само процесот на преработка на фруктозата е подолг затоа што таа првин мора да биде претворена во глукоза во црниот дроб па потоа да се складира или искористи. Зголемениот внес на глукоза или фруктоза го зголемува ризикот од појава на метаболични нарушувања како резистентност на инсулин и лептин, кои понатаму водат кон дијабетес и прекумерна тежина.

4) Спортски пијалоци

Спортските пијалоци се специјално наменети за спортисти кои тукушто завршиле напорен тренинг каде ги потрошиле сите резерви на гликоген.

Поради оваа причина спортските пијалоци содржат:

  • вода – за да се надокнади изгубената течност
  • електролити – како што е натриумот, бидејки со потењето се губат голем дел од нив
  • шеќер – за надокнадување на изгубената енергија.

Не ви се потребни дополнителни електролити освен ако не сте имале пренапорен тренинг. Пијте вода пред, за време и после тренингот, таа е доволна да ве хидрира. Не внесувајте во телото дополнителни и непотребни калории.

5) Рафинирани растителни масла

Овде спаѓаат сончогледовото, соиното, маслото од пченка и сите други масла добиени од семиња или растенија. Проблемот со рафинираните растителни масла е што се произведуваат со процеси со голема топлина, како и со употреба на токсични растворувачи. Рафинираните растителни масла содржат огромно количество на омега-6 масни киселини. Всушност проблемот е што односот помеѓу омега-6 и омега-3 масните киселини кај најголем број од луѓето е 10:1, а идеално е 1:1. Овој дисбаланс доведува до зголемена инфламација во телото која е причината за скоро сите хронични заболувања.

Затоа заменете ги горенаведените масла со маслиново масло, путер, свинска маст, кокосово масло кои имаат еднакви количини на омега-3 и омега-6 масни киселини.

6) Производи за кои пишува дека се без масти или со намалени масти

Со децении се водеше пропагандата против мастите во храната се додека не се откри дека сето тоа е мит. Но сепак, сеуште постојат голем број производи каде во текот на производството се одземени сите масти, со цел производот да се рекламира како ”здрав производ”. Проблемот овде е што секоја храна каде мастите се вештачки екстрахирани воопшто не е вкусна. Затоа производителите додаваат многу шеќери и вештачки засладувачи за да го вратат вкусот во храната, а таа сепак да остане со ниска масленост.

Следниот пат размислете два пати дали треба да го купите производот на кој пишува 0% масти.

7) Брза храна без глутен

Сите оние коишто се заинтересирани за здрав живот и здрава исхрана веќе знаат за проблемите кои ги предизвикува глутенот и ги избегнуваат таквите производи. Како резултат на ова, почнаа да се произведуваат најразлични производи каде глутенот е екстрахиран, но е заменет со вештачки засладувачи и шеќер. Ова е истата ситуација како онаа со производите со ниска масленост. Размислете два пати дали ќе го купите производот доколку на етикетата пишува: “Без глутен” и “Без масти”.

8) Маргарин и алтернативи на путер

Уште еден проблем од пропагандата против мастите е целата серија на здрави алтернативи на путер од кои најпознат е секако маргаринот. Вистината е сосема спротивна, путерот е здрав, а маргаринот не е. Маргаринот e мешавина од вештачки состојки и процесирани растителни масла. Во една студија целосната замена на путерот со маргарин довела до зголемување на ризикот од појава на кардиоваскуларни болести.

9) Енергетски протеински чоколади

Ова е слична ситуација како и со спортските пијалоци. Доколку сте спортист кому му е потребен внес од протеини на секои 2-3 часа или пак сте далеку од дома и единствен избор ви е хамбургер или протеинско чоколадо, тогаш изборот е оправдан. Но за најголемиот дел од нас ова е сосема непотребно. Можеби мислите дека протеинските чоколади се поздрави од обичните, но и овде има вештачки засладувачи, а бројот на калории е ист, можеби и поголем од обичното чоколадо. Исто така протеинот во овие чоколади е најчесто од соја, која е покажано дека го намалува тестостеронот и го зголемува естрогенот во телото.

10) Здрави житарици

Најголемиот дел од процесираните житарици воопшто не се здрави. Всушност ова е една од најлошите храни за појадок. Преполни се со шеќер и вештачки засладувачи, само погледнете ја етикетата, содржат минимум 400 калории на 100 g, исто колку обичното чоколадо.

Наш предлог: Подгответе си домашна здрава гранола.

Дарко Колев

Долгогодишен спортист , маратонец, зависник од теретана и активен животен стил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *