Зошто хроно исхраната е толку ефикасна?

Диета како диета, самиот збор звучи застрашувачки, а многу често и демотивирачки. Иако диета не значи гладување и “измачување”, сепак многу луѓе тој збор ги асоцира токму на тоа. Сведоци сме дека во последната година, хроно диетата направи бум. Мислам дека секој втор човек е на хроно и кај сите кои го пробале овој начин на исхрана има навистина видливи резултати. Јас самата сум сведок на неколку примери околу мене, луѓе кои успеаа да намалат килограми без гладување и измачување. Но, освен килограмите хроно исхраната на многу им помогнала да ги норализираат и нивоата на шеќер во крвта, да ја коригираат крвната слика и да го вратат во нормала хорионскиот и ензимскиот статус во телото.

Сепак, ајде да разгледаме малку подлабоко, зошто хроно диетата е толку ефикасна?

Што ја прави оваа диета толку посебна и зошто луѓето кога ќе го започнат овој начин на исхрана не се откажуваат?

Познавајќи ја физиологијата на човечкото тело, како и моето искуство во фитнес индустријата и здравата исхрана еве некои факти и заклучоци зошто хроно исхраната е толку ефикасна:

  • Временскиот прозорец

Тоа што постојано грицкаме меѓу оброците е можеби најголемиот проблем за дебелината. Потребно е на телото да му оставиме време за целосно да ја обработи и искористи храната. Постојаните флуктуации на шеќерот и инсулинот во крвта се причина за таложење на масното ткиво. Кај хроно исхраната токму тоа е изрегулирано, храната се јаде во точно дефиниран временски прозорец со што на телото му се дозволува да ги искористи и смести сите хранливи нутритиенти од оброкот. Дополнително тоа што се внесува храна со низок гликемиски индекс е причина плус за успешноста на оваа диета, затоа што на тој начин се контролира нивото на инсулин и се намалува ризикот од таложење на масно ткиво во телото.

  • Не се јаде процесирана храна и вештачки шеќери

Откажување од процесираната храна е можеби еден од најважните чекори за оптимално здравје и намалување на килограмите. Производителите на процесирана храна секојдневно наоѓаат начини како да го скријат шеќерот, мастите и конзервансите кои ги содржат производите. Не сме ни свесни колку само токсини внесуваме доколку постојано се храниме со процесирана храна. Дури и на тоа што се декларира дека е здраво, не е вистински здраво. Ако ја свртите етикетата и прочитате ќе сфатите дека ако пишува “не содржи масти”, за сметката на мастите содржи многу јаглехидрати.

  • Јаглехидратите се внесуваат само наутро

Внесувањето на јаглехидрати само наутро е најдобар начин за контрола на тежината. Дури и да не сте на хроно исхрана пробајте јаглехидратите да ги јадете до пладне, а исто така и овошјето. Ако постојано му даваме на телото гориво, тоа е принудено да го складира во масното ткиво. Јаглехидратите се брзото гориво, тие веднаш ни даваат енергија, но од друга страна ако таа енергија не ни е потребна глукозата од нив многу ефикасно и брзо се конвертира во масни киселини и се складира во масното ткиво.

  • Инсулинот и храната со висок гликемиски индекс се најголемиот проблем за дебелината, со хроно диетата се контролира токму тоа

Многу од луѓето кои се на хроно постојано кажуваат дека со овој начин на исхрана не чувствуваат глад.

Зошто е тоа така?

Причината за тоа зошто не се чувствува глад е токму инсулинот и храната со низок гликемиски индекс.

Хроно исхраната препорачува внесување на јаглехидрати само наутро, но типот на јаглехидрати е ограничен и сепак ограничени се оние јаглехидратни продукти кои имаат многу висок гликемиски индекс како што е брашното од пченица.

А што е гликемискиот индекс?

Гликемискиот индекс ни покажува како некоја намирница по внесувањето во организмот влијае на нивото на глукоза во крвта и како тоа влијае врз лачењето на инсулин. Улогата на инсулинот е да овозможи влез на глукозата од крвта во клетките, каде дел се претовара во енергија, дел се складира во мускулите и црниот дроб како резерва во форма на гликоген, а друг дел се претовара во триглицериди и се таложи во масното ткиво.

Гликемиски индекс е мерка колку брзо нивото на шеќерот во крвта се зголемува веднаш по внесувањето на било каква храна. Како референтна мерка се зема глукозата која има гликемиски индекс 100.

Како влијае храната со висок гликемиски индекс врз дебелината и апетитот?

Храната која има висок гликемиски индекс предизвикува брзо покачување на гликозата во крвта. Тоа предизвикува последователно лачење на инсулин кој има за цел да ги поттикне клетките во телото да ја апсорбираат глукозата, односно народски кажано инсулинот и ја отвара вратата на глукозата за полесно да влезе во клетките. Понатаму глукозата се искористува за генерирање на енергија, вишокот се складира во црниот дроб и мускулите, а неискористениот дел во масното ткиво.

Кога во телото ќе се внесеме храна која има висок гликемиски индекс тоа ќе предизвика големо покачување на инсулинот со што инсулинот за многу кратко време ќе си ја заврши својата работаа и глукозата ќе се искористи или пак ќе се складира во масното ткиво. После кратко време од консумирањето на храна со висок гликемиски индекс поради големата концентрација на инсулин во крвта, нивотот на глукоза ќе опадне до степен што ние повторно ќе чувствуваме глад. Ако посегнеме тогаш повторно по храна која содржи шеќер кругот ќе се повтори и ќе доаѓа до се поголемо таложење на триглицериди во масното ткиво затоа што клетките немаат потреба од толку многу енергија.

Кај хроно исхраната бидејќи се јаде храна со низок гликемиски индекс се намалува ризикот од постојани напади на глад и таложење на масти во масното ткиво. Флуктуациите во нивото на шеќер во крвта и инсулин се намалени на минимум и токму поради тоа луѓето кои се на хроно исхрана не чувствуваат глад и кај многу случаи се подобрува и нивото на шеќер во крвта, кај оние кои имале резистенција на инсулин се подобрува сензитивноста на клетките, а исто така кај оние кои имале масти во крвта, доаѓа до намалување на вредностите токму поради погоре опишаните процеси врзани со инсулинот.

  • Комбинацијата на протеини и зеленчук за ручек и вечера

Протеините се нутритиенти кои бавно ја ослободуваат енергијата така што подолго време ќе ве одржат сити. Комбинацијата на протеини и зеленчук е совршена затоа што истовремено внесувате и многу витамини и минерали кои се неопходни за нормален метаболизам. Протеините нема да го кренат нивото на инсулин во крвта “до плафон” и затоа после 2 часа од ручекот вие нема да имате напад за нешто слатко и нема да посегнете по чоколадо.

Корисни линкови:

20 најважни правила во хроно исхраната

Што да јадете за појадок ручек и вечера доколку сте на хроно исхрана

Предлог рецепти за појадок, ручек и вечера

Како да подготвите вкусен хроно леб?

Доколку сакате уште повеќе совети поврзани со хроно исхраната, приклучете се во групата на facebook каде ќе можете да го споделите искуството со многу челенови кои веќе успешно го практикуваат овој начин на исхрана, но и да добиете многу совети и идеи за вкусни рецепти.

Исто така многу корисни совети и рецепти ќе пронајдете и на официјална web страна за хроно искрана: http://hronorecepti.mk/

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *