Коприви- лек од природата

Благотворното дејство на оваа билка е откриено уште пред неколку векови, а денес се користи и во гастрономијата и во козметиката, одлична е во борбата против анемија и претставува совршен извор на железо.

Копривата е билка која се препорачува да ја користиме што почесто и тоа најдобро е да ја употребувате зготвена. Тогаш најефикасно може телото да ги користи нејзините позитивни својства. Расте на пролет, дури и под снег, но на ливадите се задржува и во текот на целото лето. Најчесто се приготвува како спанаќ или се користи како основна состојка за супа.

Лековити својства

Копривата се употребува и како медикамент, а со векови се користи во лечење на натечени зглобови, анемија, грозница, реума итн. Оваа билка е исклучително богата со железо и најчесто се прави сок од млади коприви, кој е одличен сојузник во борбата против анемија. Кај реумата и артиритисот, листовите од коприва се подготвуваат на пареа, а за лечењето заслужен е борот, кој во копривата го има повеќе отколку во таблетите за тераписко лечење. Во народната медицина на нашите простори, копривата се користи и за лечење на бронхитис, а како лек се користи чајот од суви коприви. Исто така, сокот од коренот и листот од коприва помешан со мед е докажан лек за бронхитисот.

Витамини

Копривите имаат извонредна хранлива и витаминска вредност, а многумина ги сметаат за најздрав лиснат зеленчук. Листовите од коприви содржат многу витамин Ц, каротен, калциум, витамин К и пантенонска киселина. Во коренот на билката има протеини, јагленихидрати, масти, фосфор, железо  и бор.

Козметика

Копривите се одлична билка за чистење на кожата на лицето, за проширени пори, неутрализација на митесери. Во еден сад ставете пет лажици сушени листови од коприва, прелијте ги со литар врела вода, прекријте ја главата со пешкир и 10 минути парете го лицето. Потоа само пребришете со чист пешкир. Оваа метода е одлична за освежување на кожата и ослободување од нечистотиите.

Бидејќи споменавме дека позитивните својства на корпивите најефикасно се користат кога тие се зготвени, ви предлагаме да подготвите чорба од млади коприви.

Nettle Soup

Потребни намирници:

– 1 литар млеко

– 1 килограм млади коприви

– 1 лажица павлака

– малку маслиново масло

– 50 грама путер

– 100 грама брашно

– 2 чешниња лук

– сол и бибер

Начин на подготовка:

Младите коприви исчистете ги, измијте ги под млаз вода, исцедете и исечкајте ги. На малку маслиново масло со путер пропржете го брашното додека не зарумени, па додадете го лукот, копривите, млекото, малку вода, сол и бибер по вкус. Гответе 10 минути и послужете ја чорбата топла, со една лажица павлака.

На здравје.

Ane

Вљубена во пилатес,аеробик,возење ролери и редовно качување на Водно. Зависник од кофеин и домашни здрави десети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *