Мали промени со големи ефекти

Споделете со пријателите

Дали некогаш чувствувате дека поминувате часови и часови во теретана или на вежбање, ја менувате исхраната или правите драстични промени за да имате здравствени придобивки? Експертите велат дека всушност малите промени имаат најголемо влијание врз здравјето.

Следете ги нивните совети за мали промени во секојдневните навики, со големи позитивни ефекти за вашата благосостојба.

pears-oats-43

Мијте го забите почесто и користете конец за заби

Миењето на забите игра голема улога врз целокупното здравје. На тој начин ги отстранувате лошите бактерии од устата, а со тоа и од телото. Разните бактерии кои постојано се во нашата усна шуплина може да бидат ризик фактор за појава на болести како дијабетес или висок крвен притисок.  Ослободете се од овие бактерии со редовна хигиена во устата, а по миењето на забите задолжително користете и конец за заби.

Јадете секои 2-3 часа во текот на денот

Ако мислите дека е добро тоа што во текот на работното време останувате без оброк, се лажете. Со тоа ја намалувате работата на метаболизамот и само запаѓате во замка да јадете повеќе подоцна во денот. Советот на нутриционистите е дека треба да јадете и кога не сте гладни, што во превод би значело имајте 3 главни оброци и 2 меѓуоброка во текот на денот. Ова ќе направи да се чувствувате сити, а со тоа и ќе ја намалите веројатноста од прејадување доцна навечер. Ова е еден од најдобрите совети на кои треба да се придржувате бидејќи почитувањето на истиот ќе ви обезбеди не само сила и енергија во текот на целиот ден, туку и витка фигура и рамен стомак.

Пијте домашно кафе

Ако купувањето на кафе од најблиската кафетерија е вашиот ритуал наутро, можеби ќе се зачудите кога ќе ви кажеме дека овој ритуал не само што го празни вашиот паричник, туку може да додаде некој килограм плус на вашата тежина. Кафето кое го купувате може да содржи и до 400 калории, особено ако го сакате со „сите додатоци“ како чоколаден прелив, шлаг пена и слично. Навистина е тешко да се одолее и на слатките задоволства кои ги продаваат кафетериите, како чоколадна торта, мафини, крофни и слично на кои ретко кој може да остане рамнодушен. Затоа приготвувајте го своето кафе од дома, на тој начин ќе имате контрола врз она што го внесувате во телото.

Носете педометар

Многумина го нарекуваат најефикасната фитнес алатка.  Педометарот ќе ви овозможи да бидете свесни за тоа колку се движите и да се мотивирате да се движите уште повеќе. Пешачењето е одлична активност и за оние кои немаат време редовно да вежбаат, но и за оние кои се физички активни.  Со помош на педометар ќе може да го следите секој свој чекор, но и да се предизвикате повеќе да пешачите.

Имајте позитивна слика за своето тело

За да бидете среќни и задоволни со своето тело,  треба да престанете да ги наоѓате мааните на истото.Она на што треба да внимаваме, е што може телото да направи за нас, а не на тоа како изгледа. Премногу често се фокусираме на неговиот изглед, наместо на функциите кои треба да ги обавува. Гледајте го телото како една целина и слушнете го кога ви зборува: јадете кога сте гладни, престанете кога сте сити, одморете кога сте уморни. Почитувајте го и имајте позитивен однос кон него.

Проверете го нивото на витамин Д во телото

Следниот пат кога ќе одите на рутинска преглед, побарајте тест за проверка на витамин Д во телото, што се прави преку крвна слика. Премногу луѓе имаат недостаток на есенцијални витамини, како што е витаминот Д кој е важен за коските и мускулите. Неговиот недостаток може да предизвика и кардиоваскуларни заболувања и да го зголеми ризикот од појава на рак. Доколку утврдите недостаток на витамин Д, советувајте се со вашиот доктор за начините на кој може да го надоместите неговиот недостаток.

Појадувајте овесни снегулки

Доколку сакате да имате здрав појадок кој ќе ве држи сити, тогаш овесната каша е вистинскиот избор за вас. Но, внимавајте готовите овесни каши од супермаркетот може да бидат преполни со шеќер. Затоа подгответе домашна овесна каша. Овесни снегулки може да ги оставите да преноќат во топла вода или да ги сварите, а во однос на додатоците – изборот е ваш. Замрзнато или свежо овошје, кршени јаткасти плодови како ореви, бадеми, лешници и семиња како ленено семе, сончоглед, семки од тиква и слично. Брз и едноставен појадок „за шампиони“ кој ќе ве снабди со енергија и хранливи влакна.

Слушајте класична музика за време на вечерата

Сите ние имаме нагон да го следиме темпото на музиката која ја слушаме. Со цел да се заштитите од опасноста да јадете пребрзо или премногу, пуштете класична музика. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои слушале брза музика изеле  четири залчиња во една минута, за разлика од оние кои слушале класична музика, кои изеле три залчиња во минута.

Ane

Вљубена во пилатес,аеробик,возење ролери и редовно качување на Водно. Зависник од кофеин и домашни здрави десети.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *