Мотивациона приказна на Марија: Низ што се поминав за да стигнам таму каде што сум сега

Споделете со пријателите

Понекогаш работите навистина не одат во правец во кој сакаме, едноставно се случуваат низа негативни работи во нашите животи и ние мислиме дека тоа е крајот, дека сме ние најсреќните личности и се прашуваме што ли згрешивме. Вакви примери има многу и скоро секој втор човек има своја животна приказна која повеќе наликува на филм отколку на обичен живот.

За да ве мотивираме решивме во целост да ја пренесеме приказната на една наша многу драга вежбачка по име Марија. Ќе се воодушевите од тоа што се поминала и какви резултати постигнала на самиот крај…

Имам 41 годна, мажена и мајка на две деца, ќерка ми има 13 години, а син ми има 5 години.

Целиот мој живот бев здрава, а првите потешкотии со моето здравје започнаа после првото породување. Немав проблеми да останам бремена, се беше брзо и се беше добро.

После само 3 месеци откако се породив почнав нагло да се дебелеам, да имам тахикардија и уртикарија – бев шарена по телото како географска карта и тоа релјефна. Постојано одев на доктор и ме боцкаа урбазон и синопен и постојано пиев само чај и јадев двопек. Проблемот со уртикаријата постојано се вртеше во круг, ќе се повлече и штом ќе се вратам на нормална исхрана еве ме пак, целата шарена.

Правев многу испитувања и после се, се покажа дека сум под стрес, затоа што се омажив во Македонија, а инаку сум од Србија (Ниш) и после 11 години независен и самостоен живот јас дојдов во нова средина, во полна куќа непознати луѓе.

Така течеа годините, јас си пиев антидепресиви, и секој ден бев се подебела и подебела, не можев никако повторно да останам бремена. Тогаш добив дијагноза секундарен стерилитет. Имав спонтан абортус и две вонматерични бремености, ми го отстранија левиот јајцевод, изгубив 3 деца и секако останав огромна со сите попратни проблеми – задишаност, несоница, алергии, постојано се дебелеев, телото и лицето ми ја изгубија формата која некогаш ја имав, имав дијареи, па потоа констипација, немирни ноќи – се будев навечер вриштејќи, почна косата да ми паѓа, петите и кожата ми испукаа, кожата на нозете постојано ме чешаше, постојано ми беше ладно и лето и зима, циркулација никаква. Понекогаш ќе пробав некоја диета, класика овошје и зеленчук, никакви нутритиенти, па таблети за слабеење, и што се не и на крај никаков резултат. Ќе ослабев 4 килограми, но потоа ќе додадев 8 и постојано се вртев во круг.

Така поминуваа годините, за да една ноќ пред 5 години се разбудив на сред ноќ од прејако лупање на срцето. Мислев дека имам срцев напад или некоја форма на срцев удар. Ми закажаа итно на интернист и сепак испадна дека со срцето е се добро, но докторите конечно решија да ми направат ултразвук на тироидната жлезда.

Ќе погодите, јазли и зголемена тироидна жлезда, Направив испитување на антителата – беа повеќе од 4000 и секако веднаш започнав со терапија.

“Драга госпоѓо, ова не е ништо страшно, секоја втора жена има проблем со тироидната жлезда и има Хашимотов тироидитис. Тоа не се лечи и тоа не е болест, туку состојба, ќе пиете по 50 mg Еутирокс, секој ден до крајот на животот и тоа е тоа, ќе имате нормален живот како и сите други”.

Бев среќна, конечно го најдов проблемот и има решение за него, со само една таблета и се ќе биде добро! Но, сепак не беше се толку едноставно.

После два месеци не почувствував никакво олеснување, ни физички, ни психички, освен што вредностите на TSH и FT4 се нормализираа. Во тој момент решив да ги превземам работите во свои раце.

И така започнав да истражувам и да пребарувам на интернет, налетав на Дукан диетата, сосема различна од сите претходни кои ги имав пробано. Започна со неа, 5 дена протеини, 5 дена протеини и зеленчук и за 3 месеци изгубив 17 килограми, останав бремена после 8 години залудно обидување и сите бевме среќни – конечно нешто тргна како што треба. Но, Дукан диетата не се препорачува за време на бременост, така што престанав со неа, бев бремена и среќна!

Родив здраво машко дете, ги вратив тие 17 килограми и уште неколку плус и ајде се од почеток!

Сепак продолжив да истражувам, да читам и да едуцирам, станав член на една facebook група за тироидна жлезда, природни хормони и алтернатива, а исто така се зачленив и во група за палео исхрана, имав многу материјал за читање.

Најтешко ми беше да се откажам од класичната исхрана. Но, кога мојот 5-годишен син еден ден ми рече…Леле мамо, па колку си дебела! – е тоа ми беше мотивација да сфатам дека морам да започнам со промени.

И започнав токму од тој момент..не од утре или од понеделник, од истиот момент кога ги слушнав зборовите на син ми.

Повторно седнав на интернет, испринтав листа на намирници кои се дозволени во Палео и отидов во продавница.

На самиот почеток се плашев да не останам гладна, па веднаш направив здрав леб со семки од тиква, сончоглед, лен и сусам. И до ден денес го правам само тој леб, бидејќи само тој ми е вкусен, а и навистина се прави многу брзо.

Подготвив храна да имам за неколку денови однапред. Имам среќа затоа што од една пријателка од село набавуваме месо и јајца, па имам домашни чварки кои порано никогаш не ги јадев затоа што мислев дека се нездрави и многу мрсни, набавив и домашна сланина, домашна свинска маст и сл. Тоа се основните намирници во Палео. Од зелените пазари купувам зеленчук.

Немам некое класично и стандардно дневно мени, јадам тоа што имам во фрижидер и го комбинирам со некое месо. Најдобро од се е што храната што се јаде во Палео е толку вкусна, што после еден месец и маж ми и децата започнаа да јадат по малку од моите оброци, така што веќе немам потреба да готвам посебно, туку гледам да се прилагодам себе си во домашното мени. Децата секако не јадат леб со ручекот, така што купуваме леб само за маж ми.

Работам полно работно време и време за експериментирање во кујната имам многу малку, само во недела. Активностите на децата се и мои активности, но и тие ми помагаат мене во кујната. Обожаваат да лупат зеленчук за салата, да сечкаат и сл. така што заедно готвиме, си играме и се дружиме.

Денот ми започнува со 1 час пешачење. Кога ќе стигнам на работа пијам некој чај од билки заедно со витамински таблети (селен, витамин Е), порано пиев цеден сок од ½ лимон после утринското пешачење, но сега пијам чај. Потоа пијам турско кафе околу 9 или 10 часот, но имам среќа што никогаш на чаевите или кафето не им додавам шеќер. Чувствувам глад некаде околу 13 часот, па тогаш јадам банана заедно со пробиотик и ензими (бетаин и пепсин).

Од 10 до 15 часот сум во кола и ретко во тие моменти јадам, доколку немам банана, во ташната секогаш носам јаткастти плодови како бадеми, индиски ореви или лешници.

Дома ручаме во 16-17 часот и повторно пијам бетаин и песин, Б-комплекс, железо, омега 3, витамин Д и понекогаш и биотин.

После имам активности со децата (англиски, карате), па дури они тренираат јас одам на Пилатес и дома сме некаде околу 20 или 21 часот. Тогаш пак пијам некој чај, јадам некоја овошка или пак дојадувам ако останало нешто од ручекот и пред спиење пијам цинк и магнезиум.

Порано повеќе пешачев, пред да се запишам на пилатес одев на саласа. Ние живееме во Пржино, но јас идев секој ден пешки на работа и плус три пати неделно до центар идев на саласа.

Имам денови кога јадам повеќе, но има и денови кога ми треба навистина малку храна. Најважно од се ми е што повеќе не сум зависна од храната и од слатките. Секогаш и дома и во ташна имам здрава и нормална храна, па и кога ми се грицка никогаш не посегнувам по нешто нездраво и неубаво.

Килограмите ги контролирам така што се мерам секој петок наутро на гладно, а еднаш месечно го мерам и обемот.

Повеќе не ми течат лиги кога поминувам покрај некоја пекара, нити пак ми е тешко кога колешките на работа јадат ѓеврек или бурек. Знам дека сум на добар пат и имам цел да бидам здрава и ведра мајка на моите деца и секако добра сопруга.

Со овој начин на исхрана успеав да си ги вратам килограмите кои ги имав кога бев на факултет, облеката сега многу фино ми стои, но сепак се уште имам искривена слика за себе, па и сега многу често кога ќе се дотерам и ќе се погледнам во огледало уште се чувствувам некако огромно, но знам дека ќе го надминам и тоа.

Целта ми беше да ја намалам тежината, затоа што имав BMI индекс околу 45-46, а сега сум во границите на нормалата, здрава сум и здраво изгледам. Ми се врати самодовербата, на работа поинаку ме гледаат, алергии повеќе немам, петите веќе не ми се испукани, косата ми паѓа само повремено, циклусот ми е нормален, не чувствувам тешкотии во стомакот, немам веќе цисти на јајниците,нити пак јазли на тироидната жлезда, кожата на лицето ми се исчисти, и што е најважно го зајакнав многу имунитетот, не сум настинала можеби повеќе од година и пол….

Следен чекор ми е да пробам AIP диета (диета за автоимуни болести).

Се надевам дека оваа моја мотивациона приказна која можеби ви ја раскажав многу на долго ќе биде доволна да ве мотивира никогаш да не се откажувате.

Здравјето кое го имаме е едно и треба да го зачуваме!

Нездравата исхрана, неактивниот начин на живот и дебелината се корен на многу здравствени проблеми.

Започнете сите од негде, воведете мали промени и верувајте дека за кратко време ќе имате големи резултати.

Среќно!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *