Направете сами: “Бум во када” – купка која прави меурчиња и мириса преубаво

Дали уживате во топла бања и купка после напорниот ден? Тоа е вистинска релаксација и за умот, но и за телото.

А, замислете сами да си ја направите купката и да биде богата со етерични масла и хранливи состојки кои покрај тоа што ќе ве релаксираат, ќе ви ја ревитализираат и кожата.

Навистина е лесно, имаме брз рецепт како да подготвите “бум во када”. Топчеста купка која прави неодоливи меурчиња и мириса на вашето омилено етерично масло. Еве го рецептот.

Потребни состојки:

  • 6 лажици сода бикарбона
  • 3 лажици лимонска киселина (лимонтус)
  • прехрамбени бои за храна (можете да ги купите во било кој маркет и да ја изберете омилената боја, како замена за нив можете да користите куркума која ќе и даде жолта боја на купката)
  • 1 лажица сува жалфија или нане
  • 6 лажици морска сол
  • етерично масло по избор.

Начин на подготовка:

Во поголем сад измешајте ги сода бикарбоната, лимонската киселина, морската сол и етеричното масло кое го користите. Поделете ја смесата на два дела, иако не мора бидејќи можете да ја направите купката и со една боја.

Во едниот дел додадете малку жалфија и од една боја (ние додадовме розева), а во другиот дел малку нане и од другата боја (ние додадовме зелена). Откако убаво ќе измешате од око полека додадете неколку капки вода, но потребно е да бидете внимателни. Водата ја ставаме само да ни помогне да ја врземе смесата, ако додадете повеќе вода ќе настане реакција и веднаш смесата ќе почне да жубори.

На крај ставете ја содржината во калапи (ние користевме калапи за колачи). На дното ставете од едната боја до половина, а потоа од другата и оставете го во фрижидер 1 час да се стегне.

 Користете ја оваа “бум” купка за релаксација и уживање после напорниот ден или после напорен тренинг!

Рецептот и сликата ни ги испрати Елена Ѓорѓиевска.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *