Најчестите предрасуди за исхраната: Во што веруваме, а што е вистина?

Исхраната е услов за опстанок на сите живи суштества, а правилната исхрана е услов за добро здравје и намалување на ризикот од појава на болести. Проблемот со прекумерната телесна тежина и негативните последици од истата, е сѐ позастапен, па затоа многумина од нас се заинтересирани за добри совети поврзани со исхраната.

Во намерата да се храниме правилно, најчесто прифаќаме „општо познати“ принципи, кои неретко се недокажани правила за исхраната и намирниците кои треба да ги користиме.

Една од најпознатите организации во областа на исхраната, Американската академија за исхрана и диетотерапија  (Academy of Nutrition and Dietetics), ги издвои следните најчести, непроверени пораки и тврдења кои ги доведуваат луѓето во заблуда и во кои треба да престанеме да веруваме:

1) Препораки кои ветуваат брзо решавање на некој здравствен проблем

На пример: брзо решавање на проблемот со прекумерна тежина, високо ниво на шеќер во крвта или на маснотии и сето тоа без промена на начинот на исхрана. Овие препораки најчесто се однесуваат на некој вид на „чудесен напиток“ или додаток во исхрана со којшто проблемите ќе исчезнат без никаков напор. Вистината е дека не постои „чудесен напиток“ со кој ќе се ослободите од некој проблем, без притоа да посветите внимание на исхраната и намирниците кои ги конзумирате и физичката активност која ја практикувате.

2) Тврдења кои звучат премногу добро за да бидат вистина

На пример: ќе изгубите 10 килограми за една седмица. Овој начин на размислување воопшто не е здрав, ниту препорачан. Доколку сакате да загубите килограми насочете се кон долготрајни цели, а не експресни решенија.  Брзото губење на килограми може да доведе до сериозни последици по здравјето, па затоа бавно, но сигурно е пристапот кој што треба да го присвоите во борбата против вишокот на килограми.

3) Донесување на еден заклучок од сложени студии

На пример: Црвеното месо предизвикува рак“, без објаснување за количините, типот на месо, начинот на обработка на месото или колку честа е неговата конзумација. Ова се важни фактори кои треба да ја поддржат главната теза и треба да бидат детално објаснети.

4) Препораки засновани само на една студија за исхрана и здравје.

Најчесто ваквите студии се изработени по „нарачка“ на одреден производител со цел подобра продажба на неговиот производ. Кога  истражувате одредена тема, внимавајте тврдењата во однос на истата да бидат поткрепени со докази од повеќе независно спроведени студии.

5) Список на добри и лоши намирници

Пример: чиа семето и маслото од оригано се посебно добри, а шеќерот е посебно лош. Не постојат добри и лоши намирници- ниту една добра намирница не може сама да го унапреди вашето здравје, ниту да биде голем ризик за истото, доколку се конзумира во умерени количини. Односот кон исхраната не смее да биде црно бел- добра и лоша храна, туку напротив, добро е да се има умереност и разновидност, доколку сакаме долготраен успех.

6) Препораки за продажба на производ со „повеќекратни дејства“

Пример: некоја намирница или производ кој го намалува апетитот, ги намалува килограмите, согорува масти и ги неутрализира стриите. Нутритивните и здравствени изјави кои стојат на еден производ мора да бидат вистинити, односно засновани на докази. Списокот на нутритивни и здравствени состојки кои се дозволени во Европа може да ги најдете на сајтот на Европската агенција за безбедност на храна (European Food Safety Agency;EFSA). Тука може да проверитекои од тврдењата за одреден производ или состојка во производ се вистинити, а кои не.

7) Препораки од студии кои ги занемаруваат индивидуалните или групни разлики

На пример: млечните производи не се добри за исхраната на луѓето кои имаат недостаток на ензимот лактоза (ензим кој го разградува млечниот шеќер).

Млекото содржи лактоза, но ферментираните млечни производи како јогурт или кисело млеко се погодни , бидејќи во процесот на ферментација пробиотските бактерии ја разградуваат лактозата.  Затоа, воопштените тврдења кои даваат генерални заклучоци треба да се земат во предвид со резерва.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *