Пилатесот и возраста: Ефективен начин да останете здрави, млади и фит

Споделете со пријателите

Ако во младоста ни е битно да изгледаме привлечно и убаво, како што течат годините физичкиот изглед е се помалку битен и тоа што е најважно е здравјето. Најголема привилегија за повозрасните е да се фит, супер подвижни и без болки во грбот и половината. Но, како се постигнува тој фит изглед…..сигурно не со постојано седење, одмарање после работа, консумирање на нездрава храна и сл. Ако сакаме телото да ни врати со убаво треба и ние да бидеме “фини” со него.

Кога ќе се спомне вежбање многу од повозрасните веднаш помислуваат на агресивни тренинзи кои бараат голема кондициона спремност и многу сила и издржливост. Но, сепак не треба секогаш пристапот кон физичката активност да биде негативен, затоа што постојат активности кои имаат пред се терапевтски ефект за нашето тело, а таква активност е пилатесот.

Пилатесот е една од најдобрите физички активности за одржување на здравјето, подвижноста на зглобовите, намалување на болките во грбот, подобрување на белодробниот капацитет и секако одржување на млад и свеж изглед.

Пилатесот како активност бил и креиран со терапевтска цел. Јосеф Пилатес за време на Втората светска војна развил метод на физички вежби со кои им помагал на ранетите војници полесно да закрепнат.  Од тогаш па се до денес, пилатесот се негува и надополнува, а во име на неговиот креатор го носи и името Пилатес.

Доколку спаѓате во групата на луѓе кои долго време не биле физички активни, тогаш пилатесот е одличен начин да започнете со физичка активност, затоа што движењата во пилатесот не се агресивни, туку се спори, грациозни и женствени.

Повеќето конвенционални начини на вежбање ги градат и обликуваат големите мускули во телото, додека пилатесот се фокусира на “јадрото на телото”, односно на зајакнување на стомачните мускули и мускулите на грбот и околу ‘рбетот кои имаат за цел да го држат телото исправено. Исто така пилатесот ги обликува и гради и оние најмали мускули во телото за кои не сме свесни ни дека постојат, а се сепак се многу значајни затоа што многу од нив им даваат потпора на коските и овозможуваат многу движења.

Континуирано вежбање пилатес може да помогне и да превенира појава на остеопороза и да го намали ризикот од скршеници и повреди во коските и мускулите кои се карактеристични за повозрасните.

Дополнително пилатесот ја подобрува стабилноста, флексибилноста и држењето на телото, затоа што како што течат годините балансот и координацијата во телото се намалуваат.

Пилатесот исто така е одличен начин за рехабилитација и на оние кои имале повреда и сакаат побрзо да се опорават.

Постојат повеќе типови на пилатес, но за повозрасните и за оние кои долго време не биле физички активни најдобра е Low Impact варијанта која вклучува движења со послаб и помал интензитет.

Low Impact пилатесот и покрај тоа што е помалку интензивен, сепак има акцентот на сите мускулни групи подеднакво (стомак, грб, раце, нозе, задник). Со континуирано вежбање на овој тип на пилатес ќе си гo подобрите својот фитнес преформанс, ќе ги тонирате и затегнете мускулите, ќе си ја подобрите флексибилност и кондицијата и секако ќе го намалите масното ткиво.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *