Пита со кори од хељда, спанаќ и моцарела

Споделете со пријателите

Вкусна пита со хељдини кори за здрав појадок.

Потребни состојки:

  • 500 g кори од хељда
  • 150 g рендана моцарела
  • 500 g спанаќ
  • 2 изматени јајца
  • 200 ml млака вода (може и кисела)
  • 1 прашок за пециво
  • 3 лажици маслиново масло
  • по желба можете да ставите и некој омилен зачин (оригано, куркума, црн бибер и сл.)

Начин на подготовка:

Најпрвин исчистете го спанаќот и потопете го во зовриена вода. Оставете го да стои 5 минути и потоа процедете и насечкајте го на ситно.

Во друг сад измешајте ја водата, прашокот за пециво и маслиновото масло. Со оваа мешавина подоцна ќе ги прскаме (премачкуваме) корите.

Кога сите намирници ќе бидат спремни, подгответе ја масата за полнење на корите.

Бидејќи корите се од хељдино брашно се малку кршливи, бидете внимателни. Земете две кори и убаво отворете ги. Првин попрскајте од смесата со вода, маслиново масло и прашок за пециво, потоа ставете малку од спанаќот, па малку моцарела и на крај малку од јајцето (погледнете ја сликата подолу).  Убаво замотајте ја кората и ставете ја во правоаголен плех. Повторете ја постапката со сите останати кори.

Во плехот замотаните кори редете ги една до друга, кога првиот ред ќе се пополни започнете втор.

На крај попрскајте одозгора малку маслиново масло и со нож насечете ја питата на парчиња (коцки). Ставете ја да се пече на температура од 180°С околу 20 минути. Повремено проверувајте да не изгори. Потребно е одозгора убаво да зарумени како на сликата подолу.

Кога ќе биде готова извадете ја и почекајте да се олади. Складирајте ги парчињата пита во стаклен или пластичен сад и чувајте ги во фрижидер.

Од оваа количина на намирници ќе добиете околу 15 парчиња, сепак тоа ќе зависи од начинот на кој ќе ги сечете.

Оваа пита е одличен појадок доколку сте на хроно исхрана.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *