Полнети печурки со младо кромитче и маслинки

Споделете со пријателите

Вкусна и деликатесна вечера или ручек – Полнети печурки со младо кромитче, маслинки и белка од јајце. Навистина неодолив вкус кој ќе ги задоволи сите ваши сетила.

Потребни состојки (за една порција):

  • 10-тина поголеми шампињони
  • 4 млади кромитчиња
  • 3-4 зелени маслини
  • белка од 1 јајце
  • 1 лажици маслиново масло
  • малку сол и црн бибер
  • зелена салата по избор (марула, рукола, спанаќ и сл.).

Начин на подготовка:

Првин измијте ги убаво печурките и внимателно извадете им ги дршките. Потребно е внатрешниот дел да остане вдлабнат (дршките можете да ги чувате и следниот ден да ги искористите за подготовка на вкусна крем супа од печурки – рецепт пронајдете тука).

Кромидот сите насечкајте го заедно со маслинките. Во тавче што не лепи додајте 1 лажица маслиново масло и загрејте, па додадете го насечканиот кромид и маслинки. Сосема кратко запржете 1-2 минути и потоа тргнете од оган. Почекајте малку да се излади.

Во друг сад убаво изматете ја белката и во неа додадете го запржениот кромид и маслинки. Зачинете со малку сол и црн бибер и започнете да ги полните печурките. Внимателно со лажица ставајте од содржината во внатрешноста на секоја печурка.

Плехот во кој планирате да ги печете печурките попрскате го сосема малку со маслиново масло или пак ставете хартија за печење. Наредете ги полнетите шампињони и оставете ги да се печат 15-20 минути во загреана рерна на температура од 200°С.

На крај комбинирајте ги со зелена салата по ваш избор.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *