Не знам за вас, ама јас навистина немам душа да направам колач со 20 лажици шеќер, 10 јајца, бело брашно и уште што ли не…секогаш се трудам на сите стандардни намирници кои се со висок гликемиски индекс и содржат празни калории да им најдам соодветна замена со некои поздрави. Јајцата не дека не се здрави ама 10 во еден колач е многу 🙂
Денес имаме одличен предлог од Елена – Сочен чоколаден колач со малини.
Потребни состојки:
- 2 јајца
- 1 чаша интегрално брашно
- 2-3 лажички какао
- ½ прашок за пециво
- малку ванила или цимет за арома (по желба).
- 150 g малини (може замрзнати, но оставете ги малку да се одмрзнат, сокот кој ќе го пуштат зачувајте го).
- по потреба доколку смесата за тестото е густа, додадете малку вода.
за прелив:
- сокот што ви остана од размрзнатите малини
- 1-2 лажици мед
- 1 лажица растопен путер (може да се замени со кокосово масло)
- малку мелени лешници за наросување.
Начин на подготовка:
За подготовка на тестото сите состојки измешајте ги во еден длабок сад. Последни додадете ги малините и доколку смесата е многу густа можете да додадете малку вода иако можеби нема да има потреба. Ставете да се пече на температура од 180°С околу 20-25 минути, но проверувајте можеби ако го ставите тестото да се пече во помал сад и биде повисоко ќе му треба повеќе време. Ако ставите во помал и кората биде потенка, тогаш ќе биде побрзо.
Преливот се подготвува многу брзо и едноставно. Потребно е само да го растопите путерот, во него додадете го медот и сокот од малини и убаво соединете.
Кога колачот ќе биде готов со чачкалица направете ситни дупчиња во целиот колач и полека истурете го преливот.
Одозгора, по желба наросете малку мелени лешници.
Оставете да се олади и послужете го со шолја црно горко кафе.
Добар апетит!
Рецептот и сликата се на Елена Ѓорѓиевска.
Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.