Што да јадете за здрава коса и здрави нокти?

Нема сомнеж дека здравата исхрана има безброј придобивки кога е во прашање здравјето – го намалува ризикот од различни болести, го јакне имунитетот, ни дава повеќе енергија и позитивно влијае на квалитетот на сонот. Но, ајде да видиме како одредена здрава храна влијае не само да се чувствуваме туку и да изгледаме добро.

Прочитајте кои нутритиенти ќе и дадат на вашата коса и нокти дополнителна јачина и сјај.

Б- комплекс

Витамините од групата Б го подобруваат квалитетот на косата и ноктите, така што го јакнат влакното и ја намалуваат кршливоста на ноктите.  Недостаток од овие витамини во исхраната може да доведе до опаѓање на косата, губење на сјајот, кршливост на ноктите и сл.

Витамините Б најмногу се застапени во зрнестата храна како пченица, ориз, овес, ’рж и во џигерот. Исто така се среќаваат и во зеленчуците со зелени лисја, месото од домашни птици, рибата, јајцата, јаткасти плодови и гравот.

Можеби ќе ве интересира: Домашен лосион против опаѓање на косата.

Омега-3 масни киселини

За да имате здрава и сјајна коса мора да ги вклучите омега-3 масните киселини во исхраната. Трите најважни омега-3 масни киселини: алфа-линоленска киселина (ALA), еикозапентанонска киселина (EPA) и докозахексанонска киселина (DHA) се битни компоненти за формирање на stratum corneum кој го сочинува крајниот слој на епидермисот во кој се наоѓа кератин и има способност да ја задржува водата. Недостаток од овие примарни, есенцијални масни киселини може да предизвика сушење на скалпот, опаѓање на косата и појава на првут.

Храна најбогата со омега-3 масни киселини е: јајца, ленено семе, рибино масло, лосос, сардина, туна, скуша, ореви и сл.

Можеби ќе ве интересира: Храна од растително потекло богата со омега-3 масни киселини.

Протеини

Внес на соодветно количество на протеини во телото е важно за повеќе аспекти кога е во прашање здравјето. Косата и ноктите се составени од протеинот кератин, така што за здрави нокти и здрава и сјајна коса протеините се од особено значење.

Збогате ја исхраната со намирници богати со квалитетни протеини како: телешко месо, мисиркино месо, немасно свинско месо, печурки, лосос, јаткасти плодови и сл.

Витамин А

Витаминот А е природен антиоксиданс чија улога е да ги задржи природните масти на скалпот. Треба да земате доволна количина од овој витамин за да го одржите својот скалп здрав.

Храна богата со витамин А се јајца, млеко, моркови, домати, гоџи бобинки, риба, месо и сл.

Цинк

Цинкот е уште еден од нутритиентите кој помага за правлно функционирање на имуниот систем, но има и важна улога во формирањето на сврзните ткива. Цинкот учествува во многу метаболички процеси во организмот имајќи улога на ко-ензим или ко-фактор. Една од неговите позначајни функции е да ја регулира способноста на телото да создава нови протеини кои ќе станат “градивен материјал” за мускулите, но и за косата и ноктите. Алопеција (опаѓање на косата), сува и крта коса се значаен индикатор за недостаток на цинк.

Храна богата со цинк: индиски ореви, грашок, соја, телешко месо, семки од тиква и сончоглед, јајца и сл.

Можеби ќе ве интересира: Домашни маски за негувана коса.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *