Што е азуки грав и како да го подготовите?

Азуки гравот е ситен, компактен и со темноцрвена боја. Тој во кулинарството се употребува многу одамна. Овој грав е посладок од останатите мешунки и е богат извор на: магнезиум, железо, цинк, бакар, како и витамини од групата Б. Бидејќи содржи голема количина на калиум, оваа намирница може да се користи како природен диуретик и регулатор на крвниот притисок.

Азуки гравот поволно влијае на работата на гастроинтестиналниот тракт. Тој ја подобрува работата на панкреасот и ја забрзува циркулацијата. Како и повеќето мешунки овој грав е богат со нерастворливи растителни влакна кои го помагаат празнењето на цревата и елиминацијата на токсини од телото. Азуки гравот може да помогне и во намалување на холестеролот и побрзо губење на килограмите.

Овој грав можете да го набавите од било кој поголем маркет или од продавнца за здрава храна по многу достапна цена.

Како да го подготвите овој грав?

Предлог за вкусен и здрав ручек – Вариво од азуки грав

Азуки гравот се подготвува многу слично како и обичниот грав. Доколку сакате да го варите помалку време оставете го преку ноќ да стои во вода. Водата ќе ги омекне зрната, така што следниот ден ќе биде потребно само кратко варење.

Најдобро е да го подготвите така што ќе ја исфрлите водата во која киснел цела ноќ и ќе додадете нова вода. Во тенџерето ситно насечкајте кромид, морков, пиперка или било кои други зеленчуци по ваша желба и ставете го на оган да зоврие. Кога ќе зоврие намалете го на најтивко и оставете го околу 30-40 минути убаво да се свари и омекне.

Извадете дел од сварениот ауки грав и убаво изгмечете го, можете да го ставите и во блендер. Потоа вратете ја изгмечената густа содржина во тенџерето. Тоа ќе ја направи манџата густа, без притоа да правите запршки со многу брашно и зејтин.

Во тавче на оган загрејте 1 лажица маслиново масло и  ситно исечкан лук, запржете сосема кратко. Истурете го тоа во тенџерето со азуки гравот и додадете малку сол и малку суво нане.

Ова е предлог за одличен здрав и лесен ручек за целото семејство.

Послужете го сварениот азуки грав со свежа зелена салата и уживајте!!!

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *