Што се случува со телото кога пешачите?

Доколку не сте љубители на трчањето, возењето велосипед или пак одењето на фитнес, не заборавајте дека и пешачењето спаѓа во групата на физички активности. Вообичаено оваа физичка активност е резервирана за повозрасните и претставува одличен начин за активирање на телото. Пешачењето е одличен начин за рекреација и ослободување од стресот.

Но, дали сте се запрашале како вашето тело реагира доколку секој ден пешачите по околу 60 минути? ….

pesacenje

Од 1-5 минути – вашите први неколку чекори предизвикуваат ослободување на хемиски супстанци кои се одговорни за зголемување на производството на енергија во клетките. Пулсот се забрзува од 70-100 отчукувања во минута, при што се подобрува протокот на крв низ целото тело, а дополнително се загреваат и сите мускули. Доколку сте укочени во првите 5 минути доаѓа до намалување на укоченоста затоа што зглобовите започнуваат да ослободуваат повеќе течност за “подмачкување” што овозможува полесно движење. Во првите 5 минути од печашењето вашето тело согорува по 5 калории во минута (во мирување телото согорува само 1 калорија во минута), сето тоа е затоа што на телото му е потребно повеќе енергија за движење која ја “влече” од складираните масти и јаглехидрати.

Од 6-10 минути – пулсот се забрзува од 100-140 отчукувања во минута, а телото започнува да согорува по околу 6 калории во минута со убрзување на темпото. Доаѓа до благо покачување на крвниот притисок и ослободување на хемиски супстанци кои ги шират крвните садови и овозможуваат поголем проток на крв и доток на повеќе кислород до секој мускул во телото.

Од 11-20 минути – доаѓа до зголемување на телесната температура и телото започнува да се поти затоа што крвните садови кои се наоѓаат на површината на кожата се шират и ослободуваат топлина. Како што одењето ви се забрзува се зголемува и потрошувачката на калории во минути, така што ако го забрзате темпото ќе започнете да согорувате по 7 калории во минута. Нивото на хормоните како што се адреналин и глукагон се зголемува со што се овозможува ослободување на повеќе “гориво” за работа на мускулите.

Од 21-45 минути – како што поминува времето вие се чувствувате поенергично затоа што започнува да се лачи хормонот на среќа ендорфин. Како што се трошат се повеќе и повеќе калории, доаѓа до намалување на концентрацијата на инсулинот во крвта (инсулинот има улога да ја носи глукозата во клетките и да ја складира, но исто така игра улога и во складирањето на мастите). Во моментите кога телото согорува енергија и му треба повеќе слободна глукоза во крвта, нивото на инсулин се намалува што е одлична вест за оние кои се борат со вишокот килограми и со дијабетот.

Од 46-60 минути – мускулите започнуваат да чувствувааат замор, затоа што доаѓа до намалување на складираните јаглехидрати во нив. Телото започнува полека да се лади и доаѓа до нормализирање на дишењето и нормализирање на пулсот. Интересен е фактот што и кога ќе завршите со пешачењето телото продолжува да согорува повеќе калории уште 60 минути после пешачењето.

Ќе ве интересра:

Како физичката активност го подобрува целокупното здравје?

Како физичката активност влијае на менталното здравје?

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *