Дали знаете што е амарант, зошто е здрав и како да го подготвите?

Споделете со пријателите

Што е амарант?

Амарантот е житарица со бледо жолта боја. Mногу наликува на просото и има голема нутритивна вредност, не е калоричен и е многу здрав. 100 g амарант содржи 386 kcal. Исто така зрната амарант се полни со протеини (12-13%) што е најмногу во однос на другите житарици. Амарантот ги содржи есенцијалните аминокиселини лизин, метионин и цистеин. Освен протеини амарантот содржи и 5-9% масти од кои 77% се незаситени масни киселини меѓу кои доминира линолната киселина. Јаглехидратите во зрната се воглавно во форма на скроб и сосема малку шеќер. Од минералите содржи: сулфур, магнезиум, железо, калциум, калиум, цинк, фосфор, селен и малку натриум. Од витамините содржи А, Б-комплекс (Б1, Б2, Б3) и Е.

Порција обарен амарант од 60 g содржи 80% од дневните препорачани дози на калциум!

Амарантот е многу добар извор на растителни влакна, содржи многу повеќе отколку што има во пченицата, а со тоа помага кај оние кои имаат проблеми и потешкотии во празнењето на цревата. Исто така зрната амарант содржат и фитостероли кои помагаат во намалувањето на холесторелот и зголемување на имунитетот.

Многу истражувања покажуваат дека амарантот е одличен и за најмалите, особено во ситуации кога кај некои деца се јавува интолеранција на лактоза.

Како се подготвува?

Амарантот може да се конзумира во вид на зрна (варен) или мелен за подготвка на безглутенски леб, вкусни колачи, тестенини и палачинки. Варени зрна амарант можете да ги комбинирате наутро со овошје, но исто така можете да го конзумирате и во солена варијанта во салати, супи и сосови. Амарантот може да биде одличен прилог на главниот оброк, во комбинација со месо, риба или зеленчук.

cooked-roasted-buckwheat-groats

Подготовката на зрната е многу слична како подготовката на ориз или киноа. Ако ставите 1 чаша амарант додајте 3 чаши вода и варете дури водата не се впие. Додадете сол и зачини ако планирате да го комбинирате со главниот оброк или пак варете го без ништо и на крај одлучете како ќе го комбинирате. Потребно е амарантот да се вари околу 30-40 минути дури целосно не ја впие водата и не се добие убава и густа слузава структура со кафеава боја.

Амарантот е одлична намирница за оние кои се интолерантни на лактоза и глутен. Содржината на растителни влакна го прави моќен кај оние луѓе кои имаат потешкотии со празнењето на цревата, а исто така растителните влакна помагаат за одржување на ситоста многу подолго од било која друга житарица.


Пудинг од амарант, какао и мед

Потребни состојки за 3 порции: 

  • 1 чаша амарант
  • 3 чаши вода
  • 1-2 супена лажица мед
  • 1 мала лажичка какао
  • 20-30 g мелени или кршени лешници

Начин на подготовка: 

Амарантот и водата ставете ги на оган и варете околу 30-40 минути дури не добиете убава, густа и слузава содржина. Потребно е амарантот да ја впие целата вода. На крај кога веќе амарантот е сварен, тргнете од оган и додадете го медот, какаото и лешниците. Убаво измешајте и декорирајте по ваша желба. На здравје!

Food Network's Recipe, Orange Maple Amaranth Porridge with Dried Cherries and Almonds

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *