Витамин Б12 – за сила, здравје и енергија

Споделете со пријателите

Витамин Б12 е витамин растворилив во вода и е еден од најбитните микронутритиенти кои ги добиваме од намирниците од животинско потекло.

Овој витамин учествува во низа процеси кои учествуваат во одржување на здравјето. Витамин Б12 игра важна улога во процесот на делба на клетките, допринесува за нормално функционирање на нервниот систем, учествува во метаболизмот на хомоцистеин и создавање на енергија. Исто така овој витамин е од клучно значење за создавање на црвени крвни клетки, помага во намалување на заморот и зајакнување на имунитетот.

Апсорпција на витамин Б12

Апсорпцијата на витамин Б12 е комплексен процес кој зависи од низа фактори. Недостаток на некој од факторите може да доведе до дефицит од овој витамин. Овој сложен процес на апсорпција е примарно зависен од адекватна синтеза и секреција на внатрешниот (intrinsic) фактор од страна на клетки на желудникот, но и низа други локално присутни фактори: соодветен состав и киселост на желудечниот сок, соодветен состав на панкреатичниот сок, интактност на цревната мукоза како и соодветна микрофлора.

По внесот со храна, витамин Б12 во самиот желудник се врзува за реципиентен протеин (РП), а внатрешниот фактор секретиран од желудечните клетки во слободна форма пропагира кон тенкото црево заедно со коплексот витамин Б-12 – РП. Во тенкото црево Б12 се ослободува од врската со РП и цврсто се соединува со внатрешниот фактор што му овозможува соодветен транспорт до завршетокот на тенкото црево каде овој комплекс се врзува за рецептори на цревната мукоза и витаминот Б12 се ресорбира во крвта . Во крвта се врзуа за специфичен врзувач – транскобаламин и се транспортира до црниот дроб.

Недостаток на витамин Б12

Недостатокот на витамин Б12 предизвикува појава на мегалобластна анемија, но и пред настанување на анемијата се појавуват знаци и симптоми кои не треба да се игнорираат. Најчесто станува збор за невролошки потешкотии како трњење на прстите на рацете и нозете, жарење во нозете, треперење, слабост во мускулите, проблеми со спиењето, нарушени ментални функции, појава на анксиозност или депресија и сл.

Како што претходно спомнавме Б12 е одговорен за нормален метаболизам на аминокиселината хомоцистеин, вишокот од хомоцистеин се поврзува со болести на срцето и крвните садови. Хомоцситеинот настанува од аминокиселината метионин и овој процес може да биде блокиран од фолна киселина, витамин Б6 и витамин Б12. Високи нивоа на хомоцистеин се поврзуваат со ендотелна дисфункција и артериосклероза, што предизвикува проблеми со срцето и висок крвен пртисок.

Недостаток на витамин Б12 се јавува ретко и тоа само кај ригорозни и долготрајни диети и при вегетарјанска или веганска исхрана. Нашиот организам има способност да складира витамин Б12 во црниот дроб, потребен за повеќе од една година, па затоа недостигот од овој витамин е ретка појава. Дневните потреби за овој витамин се околу 2,5 µg.

Извори на витамин Б12

Витамин Б12 се наоѓа исклучиво во намирници од животинско потекло:

  • црн дроб
  • бубрези
  • месо
  • риба
  • школки и ракови
  • млечни производи и јајца.

b12 foods

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *