Здрави енергетски топчиња со путер од кикиритки

Споделете со пријателите

Новогодишната одлука да ослабите не значи дека од вашата исхрана треба да ги исфрлите во целост мастите. Напротив, внесот на здрави масти може многу да ви помогне во исполување на зацртаната цел.

Една таква намирница која изобилува со здрави масти, протеини и влакна е путерот од кикиритки. Овој путер можете да го јадете како намаз или да го додадете во вашата омилена овошна салата. Одлична е и комбинацијата јаболко-путер од кикиритки. Можете да подготвите здрави јаболкови седвичи со помош на овој вкусен намаз.

Многу е важно да се има во предвид дека секогаш треба да бирате квалитетен путер од кикиритки кој не содржи дополнителни додатоци. Најдобро е секогаш доколку имате можност да си го подготвите сами. Подготовка на путер од кикиритки е многу едноставна. Се што ви е потребно се несолени кикритки кои малку ќе ги запечете во рерна и малку маслиново или кокосово масло. Доколку имате добар блендер/сецко ставете ги кикиритките и маслото и пуштете го блендерот 5-6 минути дури не добиете убава кремаста структура.

За денес избравме рецепт за подготовка на здрави енергетски топчиња со путер од кикиритки. Во продолжение потребните состојки:

  • 2 супени лажици путер од кикиритки
  • 2 супени лажици мед
  • 5 супени лажици овесни снегулки
  • 1 супена лажица мелен сусам
  • 1 супена лажица мелено ленено семе
  • 2 супени лажици чија семе
  • 50 g сува брусница
  • свежо исцеден сок од еден портокал
  • ванила (по желба)

Начин на подготовка:

Првин во подлабок сад измешајте ги путерот од кикиритки, медот, сокот од портокал и ванилата, доколку ја користите. Потоа додадете ги овесните снегулки, мелениот сусам, меленото ленено семе, чија семето и брусницата, па убаво измешајте. Ако смесата е пресува додадете малку вода, а ако е прелеплива додадете малку овесни снегулки. Добро измешајте и оставете ја во фрижидер 10 минути. После 10 минути извадете ја и со рака формирајте топчиња со еднаква големина. По желба топчињата можете да ги валкате во какао, чија семе, кокос, сусам или во ленено семе.  Чувајте ги во фрижидер.

Овие топчиња се најдобри да ги конзумирате пред или после вежбање или пак како меѓуоброк кога ќе посакате да посегнете по нешто слатко.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *