Крцкави пица крекери со интегрално брашно и сончоглед

Споделете со пријателите

Филозофија во правењето крцкави крекери нема. Ако ги погледнете сите наши рецепти за подготовка на вакви слични крекери, ќе забележите дека основата на сите е слична. Разликата е во некои намирници кои им даваат специфична арома и вкус што ги прави посебни.

И денес нашите крцкави пица крекери се топат во уста затоа што се многу ароматични и вкусни. Се подготвуваат многу лесно, од намирници кои се здрави.

Одлични се за сите генерации, верувајте ќе ги сакаат и најмалите.

Можете да ги комбинирате со јогурт или кисело млеко и да бидат одлични за појадок, но и вкусна закуска за секој дел од денот.

Еве што е потребно:

  • 100 g мелен сусам
  • 100 g мелен сончоглед
  • 200 g интегрално брашно
  • 1 прашок за печиво
  • 1 мала лажичка сол
  • 1 мала лажичка буковец (по желба можете да користите и лут)
  • 1 супена лажица оригано
  • 200 ml доматно пире
  • 4 супени лажици маслиново масло
  • ½ мала лажичка лук во прав или 2-3 чешниња ситно сецкан лук (по желба).

Начин на подготовка:

Во подлабок сад првин измешајте ги сувите делови и тоа: мелениот сусам, мелениот сончоглед, интегралното брашно, прашокот за печиво, солта, буковецот, ориганото и лукот. Измешајте ја смесата убаво со голема лажица и кога ќе биде хомогена во неа додадете го доматното пире и маслиновото масло. Продолжете со мешање.

Потребно е да добиете густа смеса која ќе може да се обликува. Ако ви е премногу густа и тешко се меша додадете уште малку доматно пире, а ако е многу ретка и не се обликува додадете малку интегрално брашно.

На крај потребно е да се формира една “голема топка”. “Топката” ставете ја на мрсна хартија за печење и наросете ја одозгора со малку интегрално брашно, па со сукалка развлечете ја убаво. Брашното го ставаме за да не се лепи смесата по сукалката. Убаво развлечете ја по целата должина и ширина на плехот во кој планирате да правите. Нека биде некој поголем и правоаголен плех. Кога ќе ја развлечете смесата, ставете ја во рерна на 100°С да се суши 20-тина минути. Потоа извадете ја и насечете ја на правоаголници или коцки, па вратете ја назад и сушите на истата температура уште најмалку еден час. Колку подолго сушите толку повеќе ќе бидат крцкави самите крекери.

Добар апетит!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *