Здрав тарт со малини и чоколадо

Споделете со пријателите

Комбинацијата на малини и чоколадо е едноставно неодолива. Овој вкусен тарт се подготвува навистина лесно и брзо бидејќи кората/основата не се пече. Одличен е за оние кои обожаваат благо, а сепак сакаат да внимаваат на линијата.  Тартот се состои од три делови: основа, фил од малини  и чоколаден прелив. За да го добиете тартот во форма на вистински тарт ќе ви биде потребно калапче како на сликата, но доколку немате воопшто не е проблем да користите и обично кружно калапче.

14

Еве што ќе ви биде потребно за подготовка на два тарта кои се доволни за 4 лица:

за основата: 

  • 50 g мелени непечени и несолени бадеми
  • 50 g мелени лешници
  • 50 g кокосово брашно
  • 1 супена лажица кокосово масло (доколку немате можете да искорстите и путер кој ќе го стопите на пареа)
  • 1 супена лажица мед или агавин сируп

Бадемите и лешниците потребно е да бидат мелени. Ако немате дома блендер за семиња и јатки, замолете ги во продавницата за здрава храна да ви ги измелат и бадемите и лешниците бидејќи треба да се добие смеса налик на тесто. Потоа додадете го кокосовото брашно, кокосовото масло или путерот и медот. Убаво измешајте дури не добиете смеса која личи на тесто и не се лепи по ѕидовите на садот. По потреба можете да додадете уште малку од кокосовото брашно. Садовите за тарт намачкајте ги малку со путер или кокосово масло за на крај да можете лесно да ги извадите. Поделете ја смесата на два дела и формирајте ја основата во калапчињата.

за филот од малини: 

  • 150 g малини (доколку немате малини можете да ги замените и со јагоди или некоја мешавита од бобинки)
  • 2 супени лажици чија семе
  • 1 супена лажица мед или агавин сируп

Овој фил е всушност скоро идентитчен како органскиот џем од јагоди и малини . Ставете ги сите сосотојки во блендер и убаво измешајте дури не добите убава и густа хомогена смеса. Ако малините ви биле замрзнати не ги блендирајте замрзнати, туку почекајте ги да се одмрзнат, за да ја исфрлите вишоктот на вода. Филот од малини истурете го во калапчињата за тарт врз кората. Потоа ставете ги тартовите во замрзнувач за да се стегне филот од малините и на крај да не се мешаат со чоколадниот прелив. Чувајте ги во фрижидер околу 30-45 минути.

за чоколадниот прелив:

  • 50 g мелени лешници
  • 3 супени лажици какао
  • 2 супени лажици мед или агавин сируп
  • малку ванила (по желба)
  • по потреба доколку смесата е многу густа додадете 1-2 супени лажици млеко или вода

Измешајте ги сите овие состојки и чоколадниот фил е готов. Извадете ги тартовите од замрзнувачот и премачкајте ги со чоколадниот фил.

На крај декорирајте ги со вашето омилено овошје. Ние ги декориравме како на сликата, со банана, малини, праски и овесни снегулки. Вкусот е неверојатен.

11

Идејата за овој рецепт беше инспирирана од видеото подолу, иако ние малку ја модифицираме во зависност од достапните состојки и сопствениот вкус.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *