Зошто да изберете пилатес со топка?

Споделете со пријателите

Пилатесот со топка е извонреден начин на тонирање на мускулите на целото тело. Разликата помеѓу обичниот пилатес на простирка и пилатесот со топка се состои во тоа што топката создава дополнителна нестабилност за време на изведувањето на вежбите која мора да ја совладаме стегајќи ги стомачните мускули. Освен тоа пилатесот со топка е мошне забавен начин на вежбање. Постојат многу вежби кои можат да се прават со пилатес топка, од вежби за стомак, грб, нозе, задник, раце и сл. Ефектот врз мускулите ќе го почувствувате веднаш. По завршување на часот веќе ќе ги чувствувате затегнато повеќето мускули. Наредниот ден слатката болка во нив ќе биде само доказ колку добро сте извежбале.

Кои се најголемите предности од вежбањето пилатес со топка?

1) Решение за вашите проблеми со болките во грбот

Топката е навистина одлична доколку имате проблеми со грбот. При изведување на скоро сите вежби вие морате да го држите стомакот стегнат, со тоа автоматски се исправа грбот и доаѓа до зајакнување на мускулите околу ‘рбетот кои му даваат потпора на грбот. Колку поцврсти мускули на грбот имате, толку се помали шансите да имате проблеми и болки со него. Дури и оние кои веќе имаат проблеми, никогаш не е доцна да започнат со вежбање, нормално тоа би требало да биде во консултација со лекар.

2) Зајакнување на стомачните мускули

Како што веќе кажавме вежбањето пилатес со топка има најголем ефект врз стомачните мускули. Со ваквиот начин на вежбање не само што ќе ги зајакнете стомачните, туку и целиот абдоминален ѕид. Стомакот како централен дел во телото ја има улогата на јадро во нашето тело. Со пилатесот на топка скоро и да нема вежба во која не се активираат стомачните мускули, дури и кога акцентот е на нозете. За да ја одржите правилно положбата, стомакот мора  да го држите цврсто стегнато. Благодарение на тоа правите притисок и движење во цревата што дополнително го подобрува варењето и го забрзува метаболизмот.

3) Мускулен баланс

Ако една група на мускули е поразвиена од друга во телото се содава мускулен дисбаланс. Бидејќи мускулите најчесто функционираат во парови, многу е важно секој мускул во телото да биде во иста форма со својот спротивен мускул. Вежбањето пилатес со топка ќе го намали дисбалансот во мускулите и ќе ви помогне да ги активирате дури и оние мускули во телото кои не знаете дека постојат.

4) Активација на целото тело

После добар тренинг со топка, нема да постои мускул кој не ви е активиран. Со многуте вежби и положби кои ги овозможува топката доаѓа до активација на скоро сите мускулни групи во телото. Навистина е погрешно ако имаме убаво развиени раце и гради, а слаби нозе или обратно. Затоа пилатесот со топка пропорционално и правилно ги активира сите мускули во телото. Ви ја зголемува циркулацијата во секој мускул и ве полни со енергија.

Каква топка да изберете?

Топките кои се продаваат во спортските продавници најчесто се во три големини. Изберете ја таа големина која ви одговара на вашата висина и тежина. Кога ќе седнете на топката со свиткани нозе, нозете треба да бидат под агол од 90 степени. Вообичаено на жени до 165 cm висина и тежина од 50-65 kg им одговара најмалата величина, додека на оние повисоки од 165 cm најчесто им одговара средната. Најголемата величина на топки е во најголем број случаи резервирана за посилниот пол.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *