Интегрални медени колачиња со кокос и цимет

Споделете со пријателите

Омилен десерт за сите генерации. Вкусните медени колачиња никогаш не излегуваат од мода. Но, што мислите за здрава варијанта на нив? Сигурно не би одбиле…

Овие вкусни интегрални медени колачиња со кокос и цимет многу добро се вклопуваат со шоља горко црно кафе или чај, а одлични се и за моментите кога кризирате за нешто слатко. Рецептот е многу едноставен и брз затоа што колачите се печат само 8-10 минути.

Потребни состојки:

  • 150 g интегрално брашно
  • 50 g кокос
  • 1 јајце
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • 6-7 лажици кокосово масло или путер
  • 6 лажици мед
  • 1/2 лажичка цимет

Начин на подготовка:

  1. Првин во подлабок сад измешајте ги заедно интегралното брашно, кокосот, сода бикарбоната и циметот.
  2. Потоа додадете го јајцето, кокосовото масло или путерот и медот.
  3. Убаво измешајте, можете со лажица, но подобро е со рака, потребно е да добиете смеса која личи на тесто.
  4. Од смесата формирајте топчиња и ставете ги во тавче за печење на хартија за печење.
  5. Доколку сакате на секое топче во средината со прстот направете му дупче и во него ставете бадем, лешник или орев по желба. Иста така можете дупчето да го наполните и со џем по ваша желба.
  6. На крај, ставете ги медените колачиња да се печат само 8-10 минути на температура од 180°С.

Инспирација за овој рецепт ни беше видеото подолу, иако нашиот рецепт е малку изменет.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *