Трикови како да го намалите дневниот калориски внес

Споделете со пријателите

Една од најлошите навики е грицкањето помеѓу оброците. Понекогаш е навистина тешко да се контролираме, но оваа навика има навистина голем удел во зголемувањето на телесната тежина и проблемите со забавениот метаболизам. Иако сите знаеме дека најубаво е да јадеме 5 помали оброци, понекогаш оваа практика е многу тешко да се спроведе во целост поради секојдневните обврски. Затоа и да јадете 2 или 3 обилни оброци, со одредени трикови можете да си ја одржувате тежината. Клучот е во избегнување на дополнително грицкање помеѓу оброците, односно внесување поздрави ужинки кои содржат помалку калории. Во продолжение ви нудиме неколку трикови и совети како да го намалите дневниот калориски внес и конечно да успеете да намалите неколку килограми.

Имајте секогаш со вас овошје

Носете секогаш со вас јаболко, банана, портокал или било кое овошје. За време на работното време доколку добиете желба за храна, посегнете по овошјето. На тој начин ќе ја заситите желбата за глад, ќе внесете помалку калории, а дополнително ќе го хидрирате телото и ќе го нахраните со витамини и минерали. Но, немојте да јадете овошје непосредно после оброкот. Почекајте минимум 2 часа.

Посегнете по јаткасти овошја

Иако јаткастите плодови содржат повеќе калории во себе (табела со нутритивни вредности на јаткастите плодови) тие ќе ви помогнат во моментите кога чувствувате голем глад и ќе ве направат да се чувствувате навистина сити. Јаткастите плодови се богати со омега-3 масни киселини, витамини и минерали. Со неколку бадеми или ореви ќе ја задоволите потребата за оброк, притоа внесувајќи сепак помалку калории.

Не купувајте нездрави намирници (чоколади, кекси и чипсови)

Кога одите во продавница одете исклучително сити, за да не паднете во искушение да купите нездрави и калорични намирници кои ќе ви ја расипат диетата. Ако немате чоколадо дома, логично е дека нема ни да јадете, исто и со другите незадрави намирници. Бидете свесни за тоа што го купувате. Читајте ја декларацијата на производите затоа што освен што некои производи се преполни со калории, содржат  и штетни емулгатори кои се опасни за нашето здравје.

Бидете сигурни дека телото ви е доволно хидрирано

Внесувајте доволно течности во организмот. Изберете вода или направете си мешавина од лимон, вода и ѓумбир која го забрзува метаболизмот. Исто така можете да си направите и напиток кој содржи вода, јаболко и цимет. Колку вода ви е потребно зависи од повеќе фактори иако средната вредност за внес на вода е 2 литри дневно. Ако сте физички активни оваа количина зголемете ја.

Пробајте да ги практикувате горенаведените совети и бидете свесни за тоа што го јадете. Иако повеќето од нас внесуваат промени во исхраната исклучиво за да намалат килограми, бидете свесни дека намалувањето на тежината треба да ви биде во втор план. Она што е најважно е нашето здравје.

Ви посакувам среќа !!! 

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *