5 начини како да го одржите менталното здравје  

Споделете со пријателите

Сигурно знаете дека менталното здравје има многу големо влијание во целокупната благосостојба на телото. Мозокот го активираме постојано, но дали сме се запрашале дали е тоа доволно?

Точно е дека цел живот учиме нови работи, но некако после 30-тата година голем процент од луѓето си наоѓаат една “удобна” позиција каде што остануваат долго време…

Работа, дома, семејство….работа…

Многу често поради 3-те горенаведени работи луѓето самите на себе си даваат изговори дека немаат време за себе, немаат време за свое хоби и никако не можат да постигнат да го направат тоа што го сакаат.

Целата горенаведена монотонија полека и тивко го “парализира” мозокот и целиот живот го сведува на рутина. Најчесто сето тоа предизвикува фрустрации, незадоволство од себе, лутина, а многу често завршува и со депресија.

За да останете млади ментално и да го одржите менталното здравје потребно е постојано да го активирате мозокот.

Исто е како со телото, ако сакате да изгледате убаво на 50 години, секако дека е потребно да вежбате континуирано.

Во продолжение ви нудиме 5 начини како да го одржите и менталното здравје во добра форма.

1) Вежбање

Вежбањето го подобрува здравјето на мозокот на ист начин како што го подобрува и кардиоваскуларното здравје. Постојаната физичка активност ја зголемува циркулацијата во целото тело, што би значело поголема циркулација и во мозокот, односно повеќе кислород и хранливи материи до сите мозочни клетки.

Дополнително, физичката активност предизвикува лачење на ендорфини и предизвикува чувство на среќа кое трае и неколку часови после вежбањето.

Немањето време нека не ви биде изговор. Доколку убаво си го испланирате денот однапред, 3 пати неделно сигурно би можеле да одвоите по 1 час за себе. Пронајдете ја идеалната активност и започнете веднаш. За вежбање не е доцна никогаш. Вежбањето навистина може да ви го одржи здраво и телото и умот.

2) Јадете за убавината на телото, но и за здравјето на мозокот

Луѓето најчесто одлучуваат да се хранат здраво затоа што имаат неколку килограми плус. Но, освен килограмите, тоа што повеќе би требало да ни е важно е целокупното здравје. Здравата исхрана богата со многу свежо овошје и зеленчук, здрави масти, квалитетни протеини и житарици од цело зрно го одржува целокупното здравје и не прави повитални.  Фитохемикалиите кои се наоѓаат во свежото овошје и зеленчук имаат антиоксидативна моќ и ги штитат мозочните клетки од слободните радикали. Исто така многу од активните нутритиенти од храната се и прекурсори за синтеза на невротрансмитери кои се сигнализатори и играат клучна улога во пренесување на нервните импулси.

Внимавајте со кафето, кофеинот е позитивен стимуланс и го зголемува менталниот фокус, но само ако се користи умерено (не повеќе од 300 mg дневно).

3) Пронајдете ново хоби

Клучниот збор овде е “ново”. Како што никогаш не е доцна да започнете да вежбате, така никогаш не е доцна да започнете ново хоби. Учете некој нов јазик, пробајте да научите да свирите на некој инструмент, запишете се на танц….едноставно правете креативни работи за вашиот мозок. Било каква активност што е предизвик за вашиот мозок ќе ве направи да се чувствувате исполнети и посреќни.

4) Релаксирајте се почесто

Спијте доволно, 1 месечно подарете си квалитетна масажа и пробајте да медитирајте барем по 5 минути дневно.

Ослободувањето од стресот може да ја зголеми менталната функција на неколку начини. Хормоните на стрес негативно влијаат на мозочните функции и на меморијата. Недоволниот сон исто така негативно влијае на здравјето на мозокот. Најдобро е да спиете по 6-8 часа секоја ноќ. Исто така пробајте да му подарите на телото барем половина час време за релаксација секојдневно, време кое ќе го посветите на себе и нема да мислите на ништо друго. Доколку навистина во текот на денот не можете да си го дозволите овој “луксуз”, направете го тоа навечер пред да заспиете.

5) Дружете се

Социјалната интеракција позитивно влијае на менталното здравје. Поминувајте повеќе време со најблиските, уживајте во моментите поминати со нив, дружете се со пријателите…Можете да се запишете на вежбање или да учите нов јазик заедно со својата најблиска пријателка.

Едноставно е, за да го активирате мозокот и да си осигурате оптимално ментално здравје потребно е секој слободен момент во денот да го користите на максимално креативен начин.

Престанете да си барате изговори дека сте уморни и дека од работата и обврските немате време. Времето го создаваме ние 🙂

Запомнете дека вие сте одговорни за вашата емоционална и ментална среќа!

Можеби ќе ве интересира:

Суперхрана за активен мозок

Како храната влијае на функционирањето на вашиот мозок?

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *