Од анти-спортист до вљубеник во вежбањето и здравиот начин на исхрана – Бобан Костадиновски

Споделете со пријателите

Вежбањето и здравиот начин на живот стануваат се почесто потреба отколку само помодарство. Лошата исхрана, дебелината и физичката неактивност можат да бидат причинители на многу заболувања. Факт е дека луѓето кои вежбаат и се хранат здраво се посреќни, поенергични, поисполнети и многу полесно се справуваат со сите предизвици кои ги нуди животот.

Со нашите текстови и постови секојдневно се трудиме да ве мотивираме и насочиме да се свртите кон сопственото здравје. Несебично споделуваме со вас многу совети за здравје, здрава исхрана, фитнес и убавина. Во контекст на сето тоа, чест ни е да пренесеме и споделиме со вас една мотивациона приказна на еден дечко кој од анти-спортист станал вљубеник во вежбањето и здравата исхрана. Неговите резултати сведочат дека само со посветеност, упорност и силна желба секогаш можеме да успееме. Сликата кажува многу за неговата посветеност и упорност во текот на овие две години. Го споделуваме во целост со вас неговото искуство.

Бобан:  Мојата приказна започна на 1 јули 2015 година кога од здравствени причини ми беше препорачано да се занимавам со некој спорт, но бидејќи немав афинитети да се занимавам со спорт, решив да започнам со вежбање во теретана. Почетокот беше тежок, но јас имав силна верба и волја дека ќе успеам во тоа што сум го замислил. Во почетокот на вежбањето телото ми беше во лоша состојба, за тоа говори и фактот што не можев да направам ниту 1 склек при вежбање. Веднаш со вежбањето во теретана го применив и здравиот начин на исхрана. Брзата храна, газираните сокови, благото, грицките, лебот, алкохолот, ги заменив со многу овошје, зеленчук, вода, јаткасти производи, млечни производи. Сега денот не можам да го замислам без неколку видови на овошје, зеленчукови салати со многу витамини, како и храна која протеински и енергетски ми потпомага при вежбање во теретана. Резултатите почнав да ги чувствувам за кратко време од почетокот. Со тек на време се чувствував здравствено подобро, несоницата, главоболките се веќе минато и преку целиот ден сум полн со енергија. Денес по 2 години од активно вежбање и водење на здрав начин на живот, можам да кажам дека резултатите се видливи. Мојата порака до сите е да не се колебаат и уште веднаш да го променат начинот на живот.

Оваа успешна приказна нека ви биде еден мал мотиватор дека никогаш не е доцна за било какви предизвици во животот. Секоја желба може да стане реалност, но само ако сте упорни, посветени и не се откажувате лесно.

Не одложувајте го почетокот, нека тој понеделник или тоа утре станат денес!

Доколку и Вие имате слична мотивациона приказна, можете да ја споделите со нас. Испратете ни го вашето искуство со слика на mladenovska.dragana@gmail.com.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *