3 напитоци за слабеење и пролетна детоксикација

Споделете со пријателите

Сонцето и убавото време се вистинскиот аларм кој не потсетува дека е време да намалиме некој килограм. Пролетта е период од годината кога имаме најмногу достапни свежи зеленчуци и овошје. Зошто да не ги искористиме за пролетна детоксикација?

Правилното чистење на телото или детоксикација навистина може да помогне за постигнување неверојатни здравствени придобивки. Начините за едноставна детоксикација треба да бидат интегрирани во вашето секојдневие со цел да дадат најдобри резултати.

Во контекст на пролетната детоксикација имаме 3 рецепти за едноставни пролетни напитоци кои можат да помогнат за пролетно чистење од токсините.

  • Зелен чај со лимон и мед

Овој чај е богат со катехини кои се природни антиоксиданси. Зелениот чај го забрзува метаболзмот, го поттикнува трошењето на калориите и помага во топење на масните наслаги. Лимонот е богат со витамин Ц и претставува вистински алкализатор на телото. Комбинацијата од зелен чај со лимон и мед е одлична за детоксикација на телото.

Подгответе го чајот така што во 400 ml зовриена вода ќе ставите две кесички зелен чај. Оставете го да постои 10 минути и потоа извадете ги кесички па додадете сок од еден лимон и една лажичка мед. Половина од овој напиток или 200 ml пијте наутро на гладен стомак, а другата половина пред ручек.

Консумирањето на зелен чај наутро ќе ви ја намали и потреба за кафе, затоа што зелениот чај покрај катехините содржи и кофеин и тоа во поголема концентрација од таа во кафето.

  • Чај од ѓумбир со куркума и мед

Коренот од ѓумбир содржи многу корисни витамини и минерали и благотворно дејствува врз целиот организам. Ѓумбирот е широко познат со своите повеќекратни позитивни ефекти врз здравјето. Ефикасно ја забрзува циркулацијата и го загрева организмот, делува антивоспалително и го намалува крвниот притисок.

Куркумата го регулира метаболизмот и може да помогне за слабеење.

Медот го зајакнува имуниот систем – комбинацијата од витамини, минерали и значајни елементи во трагови е одлична за поттикнување на работата на имуниот систем.

Комбинацијата од овие три состојки е одлична за пролетно чистење. Користењето на куркумата во топли чаеви е еден од начините да ја зголемите апсорпцијата и биорасположливоста на куркуминот и да ги искористите сите здравствени придобивки кои ги има во овој моќен зачин.

Подгответе го чајот така што во ќе изрендате околу 1-2 cm свеж корен од ѓумбир и ќе го варите во 400 ml зовриена вода околу 2-3 минути. Потоа додадете ½ лажичка куркума и убаво промешајте. Оставете да се олади околу 10-15 минути па додадете го медот. Половина од овој напиток или 200 ml пијте наутро на гладен стомак, а другата половина пред ручек.

  • Јаболков оцет со млака вода и мед

Јаболковиот оцет содржи околу 90 различни хранливи состојки, вклучувајќи: калиум, магнезиум, железо, бакар, натриум, витамин А, Е и Б, органски киселини, пробиотици, пектини и др.

Со толку богат хранлив состав, воопшто не е чудно што јаболковиот оцет има толку многу здравствени придобивки. Тој делува антивирусно, антибактериски, антигабично, но исто така помага и во елиминирање на штетните токсини од телото.

Јаболковиот оцет наутро ќе ви помогне за полесно и побрзо варење на храната и полесно празнење на цревата. Исто така помага и во намалување на нивото на шеќер во крвта, како и во прочистување на телото од токсини.

Во чаша млака вода додадете 2 лажици природен јаболков оцет и една лажичка мед. Промешајте и испијте го овој напиток наутро на гладен стомак.

Изберете некој од овие напитоци и консумирајте го секојдневно. Можете да си правите и комбинации. Еден ден да консумирате еден, другиот ден друг напиток.

Не заборавајте дека здравјето доаѓа од тоа што го јадеме и пиеме. Мали промени во секојдневните навики можат многу да направат за нашето здравје и за тоа како се чувствуваме.

Повеќе совети за подобро здравје, пронајдете тука.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *