Се што треба да знаете за најздравиот зачин – куркума

Споделете со пријателите

Куркумата во последно време е многу популарен зачин, но таа популарност е со право затоа што овој ароматичен жолт зачин има навистина големи придобивки по здравјето.

Куркумата е главна состојка на познатиот кари зачин кој е се повеќе и повеќе популарен поради убавиот вкус, но и поради многуте лековити својства кои ги поседува.

Главната активна состојка на куркумата- куркуминот има моќни анти-инфламаторни и антиоксидантни ефекти.

Но, мора да се има во предвид дека содржината на куркуминот во куркумата е само 3% од нејзината тежина. Исто така куркуминот од куркумата многу малку се апсорбира од дигестивниот тракт во крвта. Скоро е невозможно да ги добиеме придобивките од куркумата ако ја конзумираме како едноставен зачин во салатата.

Постојат три начини кои можат да помогнат да се зголеми биорасположливоста на куркуминот во телото и да ги почувствувате зравствените придобивки од оваа моќна фитохемикалија. Повеќе за тоа прочитајте тука.

Зошто е здраво да се јаде куркума?

  • анти-инфламаторни ефекти

Куркуминот е пред се моќен анти-инфламаторен агенс, тој врши инхибиција и блокада на многу медијатори во инфламаторниот процес со што се спречува инфламацијата во телото. Тоа е особено значајно затоа што многу болести на денешницата се предизвикани од хронична инфламација.

  • антиоксидантни ефекти

Куркуминот исто така е моќен антиоксидантен агенс кој успешно се бори против слободните радикали во телото. Механизмот на дејство на куркуминот против слободните радикали е двоен затоа што тој поради својата структура од една страна ги неутрализира слободните радикали, а од друга страна ја поттикнува моќта на антиоксидантните ензими во телото и го стимулира телото полесно да се справи со слободните радикали.

  • превенција од кардиоваскуларни заболувања

Куркуминот може многу да помогне и во третман и превенција на кардиваскуларни заболувања. Имено најзначен ефект кој го има куркуминот кога се во прашање срцеви болести е моќта да ја подобрува функцијата на ендотелот на крвните садови, а ендотелната дисфункција е една од причините за појава на висок крвен пртисок, аритмии, тромбоза и сл. Исто така како што спомнавме куркуминот ја намалува оксидацијата и инфламацијата што е особено значајна кај срцевите болести.

  • антиканцерогено дејство

Куркуминот има и антиканцерно дејство. Многу инвитро студии го потврдуваат дејството на куркуминот да ја намали антигенезата (развој на крвни садови во туморното ткиво), метастазирањето и да предизвика смрт на канцерогените клетки. Сепак мора да се има во предвид дека постојат многу типови и видови на канцери и сеуште се потребни многу испитувања за со сигурност да се потврди тоа дејство.

  • антисептично и антибактериско дејство

Поседува антиспетични и антибактериски својства и е корисна за дезинфекција на рани и опекотини. Но, се препорачува и кај настинки и вирусни заболувања.

  • го помага слабеењето

Куркумата го регулира метаболизмот и може да помогне за слабеење.

Колкава е дневната препорачана доза на куркума?

Дневна препорачана доза на куркумата како зачин е од 3-10 g, таа количина со текот на времето можете да ја зголемите.

Како да ја конзумирате куркумата?

Додадете го овој зачин во било кое вариво, ориз или во вашето утринско кафе. Задолжително комбинирајте ја куркумата со црн бибер за да ја зголемите апсорпцијата на куркуминот.

Исто така можете да подготвите здрав дресинг за салата така што ќе помешате 1 супена лажица маслиново масло, 1 супена лажица сок од лимон, ¼ лажичка бибер и ¼ лажичка куркума и малку сол по желба. Со овој дресинг зачинете ја омилената салата. Ова е одличен начин да ја зголемите апсорпцијата на куркуминот комбинирајќи го со маслиново масло и со црн бибер.

Може да се подготви и чај од куркума така што 200 ml зовриена вода ќе ја помешате со ¼ лажичка куркума, сок од половина лимон, малку мед и 1 мала лажичка кокосово масло. Измешајте го тоа и испијте го дури е топло.

Дали куркумата може да предизвика несакани ефекти?

Ако се користи како зачин куркумата е безбедна и не се познати нескани ефекти. Сепак доколку се земаат суплементи на база на куркумин тоа треба да биде во консултација со доктор или фармацевт затоа што можна е појава на нескани ефекти од типот на гадење, повраќање, абнормален срцев ритам и сл.

Исто така куркуминот од куркумата може да предизвика и намалување на нивото на глукоза во крвта што е значајно за дијабетичари кои се на инсулинска терпија затоа што постои ризик од појава на хипогликемија.

Куркуминот може да ја спречи и апсорпцијата на железото и затоа суплементи со куркумин не се препорачуваат кај луѓе кои имаат дефицит на железо.

Куркуминот не е препорачлив и за бремени жени затоа што сеуште нема податоци кои ја потвдуваат безбедноста од користење на овој суплемет кај трудници.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *