Неочекувани придобивки од вежбањето  

Споделете со пријателите

Сите знаеме дека физичката активност поволно делува на кондицијата, на тонусот на мускулите, на цврстината на коските, помага во одржување на крвниот притисокот, шеќерот во крвта и благородно дејствува на кардиоваскуларниот систем. Но, постојат неколку помалку познати придобивки од вежбањето кои не би требало да се занемарат.

Вежбањето ја поттикнува работата на мозокот и ја зголемува продуктивноста

Вежбањето не ги јакне само мускулите, туку и мозокот. Едно истражување дошло до заклучок дека децата кои редовно вежбаат имаат подобар успех во школо и подобро памтење. Друго истражување пак дошло до заклучок дека вежбањето ја подобрува концентрацијата, креативноста и продуктивноста на работното место. Повозрасните луѓе кои редовно вежбаат имаат многу мал ризик од појава на деменција.

Вежбањето влијае на здравјето на кожата

Луѓето кои редовно вежбаат изгледаат помладо. Причината за тоа лежи во фактот што вежбањето ја забрзува циркулацијата, а на тој начин повеќе крв и хранливи материи се носат до кожата. Токму поради тоа оние кои вежбаат имаат поеластична и поцврста кожа. Од друга страна вежбањето го забавува стареењето на кожата на начин што не дозволува губење на колагенот од кожата.

Вежбањето го подобрува варењето на храната

Проблемот со констипација и лошо варење на храната го има скоро секој втор човек. Редовното вежбање им помага на цревата полесно да ја дигестираат храната, а колку овој процес е побрз, толку е помал ризикот од појава на констипација.

Вежбањето ја зголемува самоконтролата и самодовербата

Редовното вежбање се поврзува со помал ризик од појава на депресија, стрес и анксиозност. Едно неодамнешно британско истражување дошло до резултати дека жените кои редовно вежбаат имаат високо ниво на самодоверба и самоконтрола и многу полесно и посвесно се справуваат со стресни ситуации.

Вежбањето го намалува ризикот од појава на канцерогени заболувања

Се повеќе научни истражувања откриваат дека редовното вежбање е важно за превенција од канцер. Се претпоставува дека 1/3 од смртните случаи предизвикани од рак се како резултат на неактивен и нездрав начин на живот. Ова се однесува на двата најчести типови на канцер: канцер на дебелото црево и канцер на дојката. Жените кои редовно вежбаат имаат за 30-40% помал ризик од развој на рак на дојка во однос на жените кои не се физички активни. Исто така вежбањето за 20% го намалува ризикот од појава на канцер на дебелото црево.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *