Зошто после обилна вечера, утрото чувствуваме голем глад?

Споделете со пријателите

Сигурно и вие сте имале слична ситуација, вечерта да јадете голема и обилна вечера и веднаш следното утро кога ќе се пробудите да чувствувате невиден глад.

Нашиот апетит е регулиран од страна на низа фактори, а центрите во мозокот во себе процесираат и анализираат низа невролошки, хормонални, механички и психолошки сигнали кои се одговорни за чувството на глад и ситост.

Внесот на храна во доцните часови предизвикува низа на физиолошки промени што се одговорни за гладот кој го чувствуваме наутро.

Центрите во мозокот

Центарот за апетит е лоциран во хипоталамусот и невроните кои се одговорни за контрола на апетитот се сензитивни на нивото на глукоза во крвта. Овие клетки се сензитивни и на сигналите кои ги испраќа гастроинтестиналниот тракт, на хормоните грелин и лептин, тироидните хормони и низа други стимулатори.

Промена на нивото на хормоните во крвта како и промена на нивото на глукоза влијае на апетитот на многу едноставен начин. Пад на нивото на шеќер во крвта или зголемување на нивото на грелинот, го стимулира чувството на глад. Од друга страна зголемување на нивото на глукоза или намалено ниво на лептин предизвикува намалување на апетитот.

Како инсулинот влијае на апетитот?

Инсулинот е хормон кој го лачи панкреасот како одговор на внесот на храна. Улогата на инсулинот е да ги поттикне клетките во телото да ја апсорбираат глукозата, односно народски кажано инсулинот и ја отвара вратата на глукозата за полесно да влезе во клетките. Понатаму глукозата се искористува за генерирање на енергија, вишокот се складира во црниот дроб и мускулите, а дел и во масното ткиво. Спротивно дејство од дејството на инсулинот има глукагонот и епинефринот. Глукагонот пак предизвикува зголемување на нивото на глукоза во крвта.

Непосредно после обилен оброк инсулинот веднаш започнува да се лачи, притоа намалувајќи го нивото на глукоза во крвта. Така што колку повеќе инсулин се лачи како резултат на обилен оброк, толку поголемо чувство на глад се јавува после оброкот. Затоа за контрола на апетитот се препорачува да се јаде храна која има низок гликемиски индекс. Повеќе за тоа што претставува гликемискиот индекс и која храни имаат низок гликемиски индекс, прочитајте тука.

Зошто сме гладни утрото после обилна вечера?

Кога јадете доцна навечер, посебно ако станува збор за оброк кој е богат со шеќери и содржи многу јаглехидрати, доаѓа до зголемено лачење на инсулин од панкреасот. Инсулинот ја поттикнува глукозата да влезе во клетките. Овој процес продолжува и за време на сонот, така што нивото на глукоза во крвта континуирано опаѓа. Вишокот на глукоза оди во масното ткиво и се претвара во масти, што полека но сигурно влијае на зголемување на килограмите и таложење на масно ткиво.

Поради фактот што нивото на глукоза во крвта драстично опаѓа, вие се будите следниот ден прегладнети.

Заклучок:

Заклучокот од сето тоа не е дека не треба да вечерате, туку напротив да изберете правилна вечера. Најдобро е да избегнувате храна која има висок гликемиски индекс и предизвикува драстично покачување на нивото на глукоза во крвта. Најдобро е вечерата да се состои од некој протеин во комбинација со салата (парче месо со салата, јајце со салата и сл.). Исто така внимавајте вечерата да биде барем 2 часа пред да одите во кревет, тоа е доволно време организмот да ја процесира храната и да може и тој да одмори кога ќе спиете.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *