7 супер зачини за слабеење и подобро здравје

Споделете со пријателите

Зачините се богати со антиоксиданси кои се значајни чувари на здравјето!!!

Кога зборуваме за антиоксиданси вообичаено помислуваме на овошје, зеленчук, чај, па дури и на чоколадо. Но, дали знаете дека и одредени зачини и зачински билки кои ги користиме во секојдевната исхрана исто така се богати со многу антиоксиданси.

Кои се придобивките од употреба на зачините и зачинските билки?

  • богати се со антиоксиданси
  • имаат антивоспалителни својства
  • го помагаат слабеењето
  • некои зачини го намалуваат апетитот
  • даваат убав вкус на храната , без дополнителни калории

Во прилог 7 супер зачини за слабеење и подобро здравје:

1. Цимет

Циметот е богат со полифеноли кои во телото имаат ефект сличен на ефектот на инсулинот, така што помагаат во контрола на покачениот шеќер во крвта. Полифенолите од циметот ја имитираат биолошката активност на инсулинот и го подобруваат метаболизмот на глукозата. Исто така циметот го забавува движењето на храната од желудникот кон цревата, тоа значи дека подолго време ќе се чувствувате сити и ќе немате чести нагони за грицкање.

Циметот е вкусен зачин кој можете да го додадете во омилениот чај, смути, кафе, во овесна каша или пак овошна салата. Исто така можете да си подготвите и вода со јаболко и цимет за забрзување на метаболизмот. Рецептот пронајдете го тука.

2. Оригано

Ориганото можете да го сметате како мини салата затоа што една лажичка оригано содржи исто антиоксиданси колку што содржи 100 g брокула. Ориганото е зачинска билка која содржи најмногу антиоксиданси.

Додадете го во вашата пица, салата, макало, а можете да го посипете и на тост со сирење. Ориганото има толку ароматичен вкус што на храната и дава многу специфична арома без дополнителни калории.

3. Рузмарин

Состојките во рузмаринот помагаат да се поттикне циркулацијата и протокот на крв во мозокот, на тој начин рузмаринот ја подобрува концентрацијата и ја намалува главоболката. Оваа зачинска билка се наоѓа на врвот на зачини со најмоќни антивоспалителни својства, така што успешно може да се користи за превенција на рак. Многу достапни студии покажуваат дека маслото од рузмарин може да спречи развој на рак на кожата, затоа што спречува раст на кожниот тумор и овозможува заштита на кожата од УВ-зрачењата. Исто така постојат студии врз животни со кои е докажано дека маслото од рузмарин може да спречи развој на рак на дебелото црево и на белите дробови. Рузмаринот одлично делува против бактерии и одредени габичните заболувања.

Оваа билка има седативни, диуретични и антисептични својства. Состојките на рузмаринот го зајакнуваат имунолошкиот систем, го подобруваат варењето преку стимулација на лачење на жолчни соли.

Користете го рузмаринот како зачин за печено месо или пак додадете го во разни печива и кифли.

За слабеење пијте ладен чај од рузмарин кој ќе го подготвите така што во 1.5 L вода ќе додадете 1 лимон насечкан на кругови и 50 g сув рузмарин. Оставете го да врие 1-2 минути, а потоа оставете го да одстои половина час па процедете. Чувајте го чајот во фрижидер и пијте секое утро по 100 ml пред појадокот.

4. Куркума

Овој ароматичен жолт зачин кој е главна состојка на познатиот кари зачин е се повеќе и повеќе популарен и поради убавиот вкус, но и поради многуте лековити својства кои ги поседува. Куркумата е одамна позната како моќен антиоксиданс кој ги штите мозочните клетки и помага за нивна регенерација после мозочен удар. Поседува антиспетични и антибактериски својства и е корисна за дезинфекција на рани и опекотини. Куркумата го регулира метаболизмот и може да помогне за слабеење.

Додадете го овој зачин во било кое вариво, ориз или во вашето утринско кафе.

5. Мајчина душица

Благодарение на своите антиоксидативни своства мајчината душица се користи како природен антисептик, но и како лек против кашлица и како купка за опуштање. Оваа ароматична супстанца содржи етерично масло кое стимулира лачење на желудечни сокови така што помага за подобра дигестија на храната. Има и диуретски својства и помага за исфрлање на вишокот течности во телото.

Пијте почесто чај од мајчина душица или па користете ја оваа билка во сосови за свинско месо и во салати.

6. Ѓумбир

Коренот од ѓумбир содржи многу корисни витамини и минерали и благотворно дејствува врз целиот организам. Тој исто така содржи и етерично масло, смоли, скроб, слузи, зингеберин од кој потекнува аромата на оваа билка и гингерол кој е одговорен за лутиот вкус. Најдобро е ѓумбирот да го користите во свеж облик (ситно изрендан или исечкан), но добар е и оној во прав кој можете да го најдете во сите подобро снабдени маркети.

Ѓумбирот е широко познат со неговите повеќекратни позитивни ефекти врз здравјето. Ефикасно ја забрзува циркулацијата и го загрева организмот, делува антивоспалително и го намалува крвниот притисок. Чајот од ѓумбир помага при повраќање и гадење во текот на бременоста.

Секое утро пијте сок од лимон во кој ќе додадете малку рендан ѓумбир. Овој напиток ќе ви го разбуди телото и ќе ви го забрза метаболзимот.

7. Лута црвена пиперка (чили)

Лутиот чили зачин содржи капсацин го стимулира варењето на храната и го помага слабеењето. Овој зачин го поттикнува согорувањето на калориите, но влијае и на рамнотежата на инсулинот и шеќерот во крвта. Исто така чилито има и антиоксидативни и антивоспалителни својства.

Со чили можете да го зачините било кое јадење или салата.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *