Што се случува со телото кога не јадете после вежбање?

Споделете со пријателите

Добрата физичка форма и кондиција се резултат на низа фактори меѓу кои клучни се исхраната, тренингот и одморот. Ова свето “вежбачко тројство” мора подеднакво да биде негувано за зацртаните цели да можат да се реализираат.

Избегнување оброк после тренинг е многу  погрешно. Многумина ќе си речат “ Не јадам, џабе ли вежбав” но, со ова само си го оневозможувате напредокот и го доведувате телото во опасност.

Тренингот како физички стрес за организмот

Тренингот придонесува за подобра физичко и ментално здравје, но на еден начин претставува физиолошки стрес за организмот. Показател на тоа дека тренингот предизвикува стрес за телото се мускулната болка и заморот, зголемениот апетит и зголемените потреби за сон кои се јавуваат кај луѓето кои практикуваат физичка активност.

Наведените симптоми укажуваат дека со тренингот се испразнети мускулните резерви од енергија. Со вежбањето правиме мала микротраума врз мускулите на кои после тоа им е потребено закрепнување и регенерација. Поради сето тоа од суштинско значење е да му се овозможи на телото внес на хранливи материи и доволно време за одмор за да се зголеми влијанието на физичката активност.

Всушност за време на тренингот и непосредно после него се трошат залихите на јаглехидрати и протеини во мускулите. Доаѓа до активација на анаербното дишење при што се празнат резервите на гликоген. Потрошените залихи после напорниот тренинг мора да се надополнат, за што се потребни протеини и јаглехидрати кои е потребно да се внесат непосредно после тренингот.

Што ако прескокнеме оброк после тренинг?

Главна функција на оброкот после тренингот е да ја обнови потрошената залиха на гликоген и да овозможи закрепнување и регенерација на мускулното ткиво што е оштетено од физичката активност. Но, ако организмот во тој период не добие храна телото ќе почне дополнително да го разградува мускулното ткиво преку процесот катаболизам. На долгорочно ниво ова може да предизвика намалување на мускулното ткиво и намалување на квалитетот на мускулната маса. Освен на мускулите прескокнувањето оброк влијае и на психичкото здравје, така што избегнувањето на оброк после тренинг може да направи да се чувствувате летаргично и уморно.

Сумирано оброкот после тренинг е важен за:

  • надоместување на потрошениот гликоген,
  • намалување на процесот на разградување(катаболизам) на протеините,
  • зголемување на синтеза на протеините.

Со други зборови долгорочното прескокнување на оброк после тренинг ја успорува и оневозможува мускулната регенерација, го зголемува заморот, го успорува мускулниот раст и спречува синтеза на протеини потребни за градба на мускулното ткиво. Исто така избегнувањето оброк после тренинг негативно влијае на имунитетот и го намалува квалитетот на коските, зголемувајќи го ризикот од коскени заболувања.

ОБРОКОТ ПОСЛЕ ТРЕНИНГ Е НАЈВАЖНИОТ ОБРОК ВО ДЕНОТ!

За да го зголемите ефектот од физичката активност никако и никогаш не практикувајте да не јадете после вежбање. Оброкот после тренинг потребно е да содржи:

  • протеини (да овозможите синтеза на протеини во мускулите),
  • јаглехидрати (да го надополните количеството на потрошен гликоген).

 

 

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *