Што се случува со телото кога трчате 30 минути?

Споделете со пријателите

Постојат научни докази кои потврдуваат дека трчањето го намалува нивото на лошиот холестерол во крвта, ги намалува триглицеридите, го нормализира шеќерот во крвта, но исто така го намалува ризикот од кардиоваскуларни болести.

Трчањето и одењето се природни начини на движење на човекот иако на сите ни е попријатно кога се возиме со автомобил или со градски превоз.

Следниот пат кога ќе се запрашате зошто се сите тие современи болести кои порано ги немало, спомнете си го ова, дека нашите предци живееле многу поздрав живот од нашиот….тие немале автомобили, немале паметни телефони, ниту пат компјутери, воздухот кој го дишеле бил чист, храната која ја јаделе била вистински природна и здрава, а нозете им биле единственото превозно средство.

За да ги намалите штетните ефекти кои современиот живот ги има врз нашето здравје, започнете да внесувате здрави навики во секојдневното живеење. Трчањето е бесплатно и може да го прави секој, единствено нешто што ви е потребно е желба, добар пар патики и малку слободно време.

Иако секој почеток е тежок, сепак од негде мора да се започне. Дозволете му на телото полека да се навикнува и да ги прифати новите навики, но знајте дека со секој следен тренинг ќе ви биде многу полесно и поубаво.

Трчањето освен што позитивно влијае врз физички изглед, благотворно делува и на менталното здравје, го намалува ризикот од депресија, го намалува стресот и анксиозноста, го подобрува расположението и го поттикнува лачењето на хормонот на среќа.

Што се случува со телото за време на трчање?

Уште во првите неколку секунди мускулите започнуваат да го трошат аденозин-трифосфат (АТР) кој претставува главен извор на енергија на клетките. Клетките нормално функционираат само кога имаат доволно АТР кој можат да го искористат.

Што се случува во првите 90 секунди?

АТР во клетките се создава за време на клеточното дишење каде како извор на енергија се користи глукозата. Значи за да се создаде енергија, потребно е глукоза. За време на трчањето мускулите бараат повеќе енергија и започнуваат да ја трошат вишокот глукоза од крвта, затоа трчањето го намалува нивото на глукоза во крвта. За да се одвива процесот на клеточно дишење и да се ослободува енергија од глукозата потребно е кислород (аеробно дишење). Кислородот се носи во клетките од белите дробови преку крвта, но телото во една таква стресна состојба не е во можност да однесе до клетките толку кислород колку што им е потребно. Во тој момент кога се јавува недостаток на кислород, започнува анаеробното дишење, процес во кој од глукзата се довива енергија по анаеробен пат без кислород (гликолиза). Разликата од аеробното до анаеробното дишење е што во второто се добива многу помалку енергија. Продукт на гликолизата е пируват кој понатаму преминува во лактат или млечна киселина која е причината за болката во мускулите следниот ден.

Следните 5 минути…

Срцето започнува побрзо да пумпа крв со цел да успее да донесе што е можно повеќе кислород до клетките. Значајно помалку крв за време на трчањето се носи до внатрешните органи пр. до органите за варење. Во ситуација кога крвта сака да земе што е можно повеќе кислород, белите дробови се трудат да земат што е можно повеќе кислород од воздухот и затоа се забрзува дишењето.

Следните 8 минути…

Трчањето го активира најголемиот мускул во телото gluteus maximus (мускулот на задникот). Исто така се активираат скоро сите мускули на нозете и мускулите на абдоменот. Телото започнува да троши повеќе калории и доколку нема резерви во мускулите и црниот дроб започнува да “влече” од масното ткиво. Трошењето на гликогенот од мускулите и црниот дроб како и зголемениот внес на кислород во телото ја зголемуваат телесната температура. За да се намали температурата во телото, доаѓа до проширување на крвните садови (вазодилатација) која е причината за црвенилото кое се јавува за време на трчањето. Потењето е вториот начин на намалување на телесната температура.

Следните 10 минути…

Доколку сте во добра кондициона форма, снабдувањето на мускулите со АТР е доволно за одржување на енергијата и продолжување на трчањето. Но, доколку не сте во добра кондициона форма ќе имате недостаток од АТР и ќе дојде до зголемено “трупање” на млечна киселина во мускулите што со секоја следна секунда ќе прави да се чувствувате без здив и да ви станува потешко.

После 30 минути….

Од трчање преминете на одење, не застанувајте нагло. Дозволете му на телото постепено да го нормализира дишењето. После само неколку секунди откако ќе застанете ќе се чувствувате одлично. Телото ќе започне да лачи допамин кој ќе предизвика чувство на задоволство. Оброкот што ќе го изедете после трчањето нема да се претвори во масти, туку ќе се искористи за надополнување на резервите на гликоген во мускулите и црниот дроб.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *