10 фасцинирачки факти за доењето

Доењето е најубавиот дар што мајката може да му го даде на своето бебе, мајчиното млеко е најдобрата можна комбинација од хранливи состојки кои му се неопходни на малото и кревко суштество да расте и да се развива.

На самиот старт можни се компликации, потешкотии и нејасни работи, но сепак техниката на доење се учи и мора да останете сталожени, трпеливи и упорни, имајќи ги во предвид бенефитите кои му ги пружате на своето малечко.

Најчесто најголемите потешкотии се јавуваат првите два месеци, после тој период доколку ја одржите лактацијата доаѓа до регулирање на лачењето на млеко и се станува полесно. Исто така бебето и вие веќе сте навикнати еден на друг и полека влегувате во “шема”.

Ексклузивно доење се препорачува од раѓање до 6 месечна возраст. Воведување на дохрана е најдобро да се започне на 6 месеци кога детето ќе биде старо (180 денови), но паралелно мајката да продолжи со доење.

Одржување на доењето – до кога е најдобро да го доите своето дете?

Според Светска Здравствена Организација (СЗО) доењето е најдобро да продолжи до 24 месеци во комбинација со дохрана, доколку секако постои можност за тоа.

Доењето има значаен нутритивен придонес, доколку продолжи и после првата година од животот на детето. Доените деца од 12 до 24 месеци кои пијат по околу 550 ml мајчино млеко на ден, добиваат околу 35-40% од дневните нутритивни потреби од мајчиното млеко. Поради релативно високата содржина на масти во мајчиното млеко, тоа претставува одличен извор на есенцијални масни киселини кои се многу значајни за целокупниот развој, но особено за развој на мозокот на детето. Мајчиното млеко обезбедува 70 % од дневните потреби за витамин А, 40 % за калциум и 37% за рибофлавин на возраст од 15 до 18 месеци.

Доењето после првата година е особено важно за време на болест кај детето, затоа што во тој период децата немаат апетит за друга храна, а мајчиното млеко претставуваа одличен полновреден оброк кој содржи доволно вода, макронутритиени, но и витамини кои можат да спречат дехидратација и секако да му помогнат на детето полесно да се избори со болеста.

Подолготрајното доење го намалува ризикот од хронични болести кај децата, од дебелина во детството и ги подобрува когнитивните способности.

10 фасцинирачки факти за доењто кои можеби не сте ги знаеле:

  1. Доењто согорува помеѓу 500-600 калории на ден (мајките кои ги дојат своите деца многу побрзо си ја враќаат старата тежина назад).
  2. Мајчиното млеко содржи живи клетки, вклучувајќи матични клетки, антитела и бели крвни клетки кои му помагаат на бебето полесно и поефикасно да се справи со инфекции (т.н пасивен имунитет кој бебето го добива од својата мајка).
  3. Во случај мајката или бебето да имаат некоја инфекција, количината на антителата во млекото се зголемува со цел бебето побрзо да се избори со инфекцијата.
  4. Колострумот (првото млеко) има жолта боја и содржи голем процент на протеини, масти и витамини, многу повеќе отколку што понатаму ќе содржи “зрелото млеко”.
  5. Мајчиното млеко е благо затоа што содржи скоро дупло повеќе шеќер (лактоза) од што содржи кравјото млеко (кравјо млеко содржи околу 4.5 g во 100 ml, а мајчиното содржи над 7 g).
  6. За време на доењто кај мајката доаѓа до продукција на хормоните пролактин и окситоцин, што помага за зајакнување на врската мајка-бебе, овие хормони исто така поволно влијаат на стресот и анксиозноста.
  7. Вкусот и мирисот на мајчиното млеко зависат од храната што ја консумира мајката.
  8. Количината на млеко што може да ја продуцира мајката нема никаква врска со големината на градите. Мајка со мали гради можеби има повеќе млечни и активни жлезди и е способна да продуцира многу повеќе млеко отколку друга мајка која има големи гради, а помалку млечни жлезди.
  9. Квалитативниот состав на мајчиното млеко се менува како што расте бебето.
  10. Мајките кои ги доеле своите деца имаат помал ризик да развијат канцер на града, јајници, и имаат помал ризик од појава на постпородилна депресија. Исто така колку подолго мајката го дои своето дете, толку поизразени се овие ефекти.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *