10 неопходни намирници во секоја здрава кујна

Споделете со пријателите

За да се храните здраво навистина не треба многу. Потребно е да имате одредени намирници во кујната и нив да ги купувате постојано. Избегнувајте да купувате грицки, слатки, чоколади, газирани пијалоци и конзервирана храна. Ова е нашиот предлог за 10 неопходни намирници кои задолжително би требало да ги имате во кујната доколку сакате да се храните здраво.

1) Јајца

Јајцата се евтини, но сепак се исклучително важни намирници затоа што се полни со многу хранливи нутритиенти. Тие содржат многу малку калории и се одличен извор на протеини, витамини, минерали, здрви масти, но и важни нутритиенти во трагови.

Едно јајце содржи околу 70-80 калори и околу 7-8 g протеини. Варените јајца во комбинација со богата зелена салата се одличен оброк за било кој дел од денот.

2) Немасно месо

Изберете проверено месо. Во ред е да се јаде и свинско и телешко и пилешко, но само доколку му го знаете потеклото. Изберете било какво немасно, здраво месо и печете го или динстајте го. Месото е одлична супер намирница која покрај изобилството од протеини содржи и витамин Б-12, витамин Б-6, магнезиум, калиум и железо.

Комбинацијата од месо и салата е одлична и за ручек и за вечера.

3) Риба

Рибата има голема хранлива вредност но, ниска калориска вредност во однос на другите видови месо. Калориската вредност варира од 70-200 калории на 100 g. Протеините во рибата ги содржат сите есенцијални амино киселини кои се неопходни за раст и развој и правилно функционирање на човековиот организам. Во рибата се наоѓаат сите хранливи материи кои влијаат на процесот на раст и развој како што се протеини, омега 3 масни киселини, калциум, цинк, јод, витамин А, витамин Д, витамин Е и витамините од групата Б.

Многу истражувања укажуваат на фактот дека честото консумирање на риба несомнено го продолжува животот и го подобрува неговиот квалитет.

4) Зелен лиснат зеленчук

Доколку сакате да се храните здраво дома секогаш имајте спанаќ, броколи, краставици, тиквички, рукола и сл. Зелениот лиснат зеленчук содржи многу малку калории, а многу здравје. Во него се наоѓа голема концентрација на витамини и минерали. Зелениот зеленчук е богат пред се со витамин К, витамин А, витамин Ц, железо и фолна киселина (витамин Б9). Тој содржи и многу антиоксиданси кои се значајни чувари на здравјето.

Зелена салата е секогаш добар избор и за оброк во комбинација со месо, риба или јајца, но и за ужинка доколку ја јадете индивидуално.

Можеби ќе ве интересира: 7 дневен предизвик со свежи салати.

5) Банани

Бананите се одлична намирница за секој дел од денот. Одлично се вклопуваат во многу здрави десерти. Зголемете ја хранливоста на своето утринско смути или овесна каша со нив. Богати се со многу калиум, а содржат и железо и витамин Б6. Бананите содржат и пектини кои ги апсорбираат токсините и ја штитат слузницата на цревата.

6) Лимон

Исцеден сок од еден лимон со вода е одличен напиток за почеток на денот. Пијте го овој напиток постојано, претворете си го во рутина без која не можете да функционирате. Така ќе се заштитите од вируси и ќе го зајакнете целокупниот организам.

Лимонот содржи многу витамин Ц, кој му помага на организмот во борбата против воспаленијата, ги јакне коските и одржува здраво ниво на холестерол. Цитрусните фалвоноиди во лимонот се моќни антиоксиданси кои штитат од малигни заболувања.

7) Маслиново масло

Сончогледовото масло заменете го со маслиново. За готвење користете обично, а за салати користете ладно цедено кое е поздраво, но не смее да се загрева. Ладно цеденото маслиново масло е богато со  каротен, лецитин, полифеноли (антиоксиданси) и есенцијални витамини Д, Е и К.

Наш предлог: Макало од маслиново масло.

8) Кокосово масло

Лауринската киселина која е составен дел на ова масло е главниот “виновник” за придобивките кои му се препишуваат. Всушност, кокосовото масло е составено од 50% лауринска киселина. Оваа киселина е составен дел на мајчиното млеко, така што јасно е зошто кокосовото масло е толку ценето во денешно време. Лауринската киселина е носител на антивирусните, антибактериските и антигабичните својства кои ги поседува.

Ова масло е одлична супер намирница за зајакнување на здравјето. Одлично се вклопува во скоро сите здрави благи десерти. Користете го задолжително во својата овесна каша, а исто така можете да додадете и ½ лажичка во утринското кафе.

Можеби ќе ве интересира: 5 начини како да го користите кокосовото масло за здравје и убавина.

9) Овесни снегулки

Овесот е ефтина намирница со милион намени. Овесните снегулки буквално можат да бидат вистинска замена за белото брашно. Ставете ги во процесор за храна или во блендер, пуштете го 2-3 минути и го имате брашното. Одлични се за појадок, од нив можете да си подготвите вкусна овесна каша (рецепт).

Овесните снегулки помагаат за намалување на холестерол во крвта, тие помагаат и во регулирање на шеќерот, го помагаат слабеењето и го зајакнуваат имунитетот.

Наш предлог: Палачинки со овесни снегулки и банана.

10) Семиња (ленено семе, сусам, семки од тиква и чиа семе)

Семињата се одлични здрави намирници кои одлично можете да ги комбинирате и со салати, но и со овесна каша или смути. Овие мали моќни намирници им даваат посебна нутриртивна вредност на оброците поради високиот % на омега-3 масни киселини кои ги содржат. Исто така сите семиња изобилуваат со многу нерастворливи растителни влакна, така што ќе ви помогнат и доколку имате проблеми со варењето на храната и потешкотии со празнењето на цревата.

Наш предлог: Чиа пудинг со јагоди и банана.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *