20 најважни правила во хроно исхраната

Споделете со пријателите

Хроно исхраната е се попопуларна и станува начин на живот како што е вегетаријанството и веганството. Овој начин на исхрана може да ви помогне многу доколку сакате да намалите килограми. Хроно исхраната не е диета и затоа не ја сместуваме во листата на диети. Овој начин на исхрана има за цел да ви го промени односот спрема храната од една страна, но од друга страна помага многу ефикасно и во намалувањето на вишокот килограми.

Хроно исхраната се базира на тоа дека не е најважно што јадете, туку важно е и кога го јадете и како го комбинирате. Ова се трите главни принципи во хроно исхраната:

  • пазете што јадете
  • пазете во кое време јадете
  • внимавајте како ги комбинирате намирниците

Доколку обратите внимание на комбинирање на намирниците ќе сфатите дека некои намирници цел живот погрешно сте ги комбинирале!

Дали јадете леб со секој оброк?

Пиете ли вода одма после ручекот?

Доколку сакате да комбинирате најразлични состојки и вкусови само за да добиете перфектна комбинација на вкус, сега малку ќе “прикочите”. Во хроно исхраната не може да се комбинира се!

За да започнете да слабеете со овој начин на исхрана не е доволно само да внимавате на времето кога јадете, туку и да се откажете од некои работи на самиот почеток. Почетната фаза од хроно исхраната се нарекува рестриктивна фаза и во оваа фаза одредени намирници се забранети и бројот на калории кои ги внесувате во текот на денот е значително намален.

Најдобро е пред да започнете со хроно исхрана да направите тест за интолеранција на храна и да утврдите која храна вашето тело не ја поднесува. Токму таа храна никако не смеете да ја внесувате во рестриктивниот почетен период. Тоа ќе ви помогне за полесно функционирање на целокупниот метаболизам и ослободување на телото од токсини.

За оние кои немаат многу вишок килограми овој рестриктивен период не е потребен, самата промена во начинот на комбинирање на намирниците и ограничување на времето кога јадете ќе помогне да ја остварите целта.

Доколку пак имате повеќе килограми за губење, рестриктивниот период е задолжителен.

Овој период обично трае 28 дена и претставува период кога телото целосно се чисти од токсини.

За да ви помогнеме во слабеењето еве ги 20-те најважни правила во хроно исхраната:

Во хроно исхраната имате 3 оброци и ужина, ужината ја немате во рестриктивниот период. Оброци измеѓу нема, ниту пак било какво грицкање.

  1. Денот не започнува со кафе! Кафето никако не смее да се пие пред појадокот. Доколку сте навинати да пиете кафе пред појадокот, задолжително заменете го со топол чај или свежа лимонада. Кафето е дозволено 2 пати дневно, едно после појадокот и другото после ручекот. Во кафето не е дозволено да додавате млеко, шеќер, шлаг и било какви други засладувачи и додатоци.

  2. Појадокот е најважен, појадувајте пред 9 часот!

  3. Помеѓу оброците потребно е да имате по 5 часа, што значи дека ако појадокот е во 9 часот, ручекот би требало да биде во 14 часот, а вечерата во 19 часот.

  4. Помеѓу оброците не е дозволено да се јаде апсолутно ништо. Внесување намирници во телото кога не е вистинското време предизвикува лачење на одредени хормони. Сето тоа влијае на натрупување на масно ткиво и масни наслаги.

  5. Шеќерот е забранет! Сите облици на засладувачи се забранети: бел, кафеав шеќер, мед, фруктоза и сл. Во рестриктивниот период не е дозволено внесување на било какви десерти, ни во облик на храна, ни во облик на пијалаци (газираните пијалаци и соковите со шеќер се исто така забранети).

  6. Во рестриктивниот период овошјето е исто така забрането затоа што содржи шеќер (фруктоза)!

  7. Забрането е и млекото и јогуртот затоа што содржат млечен шеќер – лактоза!

  8. Млечните производи се дозволени само за појадок и тоа три пати неделно. Можете да јадете: кефир, кисело млеко, павлака и млади посни сирења. Стари и тврди сирења не се дозволени. Исто така златно правило е дека никогаш не смеете да комбинирате два типа на млечни производи во еден оброк!

  9. Алкохолот е забранет! Алкохолот содржи многу непотребни и празни калории. Дозволено е само понекогаш да се напиете чаша црвено вино!

  10. Белото брашно не се користи! Дозволено е: пченкарно, брашно од хељда, овесно, јачменово и ‘ржано.

  11. Лебот и тестенините од дозволените брашна се јадат само за појадок. Ручекот и вечерата се без тестенини и без леб!

  12. Потребно е да пиете по 2 литра вода дневно. Можете да пиете лимонада без шеќер и билни чаеви неограничено. Кисела вода е дозволено, но највеќе две чаши дневно. Течност не се внесува половина час пред и половина час после оброк!

  13. Оброците можете да ги припремате на свинска маст и на путер. Сончогледово и други рафинирани масла се забранети! Маргаринот е исто така забранета намирница! Ладно цедените масла се дозволени, но нив не смеете да ги изложувате на висока температура и да готвите со нив, затоа користите ги само во салата!

  14. Дозволено е да јадете житарици од цело зрно.

  15. Месните преработки се дозволени само за појадок. Најдобро е да јадете такви за кои сте сигурни дека се направени од месо: печеница, домашни колбаси, сланина, пршут и сл. Бидете внимателни со овие производи, многу од нив содржат многу конзерванси и додатоци. Не бирајте евтини варијанти!

  16. Јајцата се дозволени. За појадок цело јајце, но за другите оброци само белката. Јајцата никогаш не ги мешајте со млечни производи!

  17. Месото е дозволено и пожелно. Најдобро е да го консумирате во комбинација со свежа салата. Не треба да комбинирате две врсти на месо во еден оброк!

  18. Скробниот зеленчук е забранет! Избегнувајте: грав, компир, грашок, леќа и ориз. Другиот зеленчук е дозволен. Најдобро е зеленчукот да го консумирате во свежа варијанта!

  19. Оцетот не се користи како зачин! Наместо со оцет, зачинете ја салата со свежо исцеден сок од лимон! Забранета е и вегетата и некои вакви слични зачински мешавини кои содржат скриен шеќер! Сите други зачини се дозволени!

  20. Количината на храната што ја јадете по оброк не е ограничена, јадете за да бидете сити до следниот оброк. Оброците никако не смеете да ги прескокнувате, нити пак треба драстично да ги намалите. Не смеете да бидете гладни помеѓу оброците бидејќи тоа може да ве натера да посегнете по одредени грицки и слатки.

Се смета дека инсулинот во нашето тело го достигнува својот максимум 3 пати дневно, после оброк. Неговото дејство трае околу 3 часа и затоа е потребно да помине најмалку толку време помеѓу оброците за да може телото да се врати во нормала. Кога ќе направите пауза од 5 часа, како што се препорачува со хроно исхраната, телото и панкреасот имаат време да одморат.

За време на хроно исхраната исто така потребно е да спиете по 8 часа. Легнувајте на време, пред полноќ, а станувајте пред 8 часот наутро. Тоа е идеално време според нашиот биолошки часовник во кое телото треба да се одмара!

Не треба да внесувате храна минимум 2 часа пред да одите во кревет!

Овој список на правила можеби изгледа многу долг, но сепак сите наведени принципи е многу лесно да се применат.

За појадок јадете и најдете се, никако не смеете да останете гладни. Доколку сте презафатени да се преокупирате со оброците издржете барем да не јадете по 5 часа измеѓу секој оброк.

Очекувајте наскоро дополнување на овој текст. Ќе ви понудиме идеи што да јадете за појадок, ручек или вечера доколку се придржувате на принципите на хроно исхраната.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *