3 рецепти за здрави, лесни и неодоливи летни салати

Споделете со пријателите

Топлите денови бараат да внесуваме што е можно повеќе свежа храна и течности. Тешките и мрсни јадења не се многу препорачливи. Бидејќи палетата на зеленчуци во лето е најголема, ви даваме 3 предлози за здрави, лесни и неодоливи летни салата подготвени од сезонски зеленчуци. Овие салати можат да ви бидат замена за еден оброк во денот.

Домати со моцарела и босилек

Потребни состојки:

  • 2 домати
  • неколку листови свеж босилек
  • 1 парче моцарела (околу 50 g)
  • 1 лажичка маслиново масло
  • малку сол.

Начин на подготовка:

Насечкајте го на парченца и доматот и моцарелата и измешајте ги заедно со свежиот босилек. Попрскајте со маслиново масло и наросете сосема малку сол.

Шопска на поинаков начин

Потребни состојки:

  • 1 домат
  • 1 краставица
  • 1 пиперка
  • 1 кромид
  • 2 лажици варена киноа
  • 1 лажичка маслиново масло
  • малку сол.

Начин на подготовка:

Насечкајте го зеленчукот на парченца и измешајте се заедно. Одозгора додадете ги двете лажици киноа и попрскајте со маслиновото масло и наросете сосема малку сол.

Витаминска салата со семиња

Потребни состојки:

  • малку млада свежа зелка
  • 1 морков
  • 1 цвекло
  • малку свеж млад лук
  • 1 лажичка сусам
  • 1 лажичка ленено семе
  • 1 лажичка сок од цеден лимон
  • 1 лажичка маслиново масло
  • малку сол.

Начин на подготовка:

Зелката ситно насечкајте ја, а морковот и цвеклото изрендајте ги. Лукчето исто така ситно насечкајте го и додадете го во садот со зеленчукот. Маслото ставете го во тавче што не лепи и додадете ги ленот и сусамот и сосема кратко запржете ги. На крај истурете ги во садот со салата, додадете малку лимонов сок и посолете.

На здравје!

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *