3 дневен детокс после празниците

Споделете со пријателите

Сигурно се прашувате како да се вратите на добриот пат на здрава исхрана после празничните трпези. Ручек ваму, ручек таму, па кафана, па пак кафана, па вечера кај кумовите…..па има ли крај??? 😊

Имам интересен ДЕТОКС ПРЕДИЗВИК кој јас го пробав на себе и супер функционираше 😊

Не дека јадев не знам колку па ми требаше детокс, но решив да направам три дневно прочитување затоа што сега имав прилика. За време на празниците имавме редуциран број на часови, па не вежбав секој ден и повеќе од времето бев дома. Со два, а понекогаш и три часа активно вежбање на ден ми е тешко да експериментирам било што кога е во прашање храната. Едноставно следам правило на балансирана исхрана и тоа е тоа, јадам се и не претерувам со ништо, нормално внимавам да внесувам доволно протеини, здрави масти и да не претерам со јаглехидратите (иако да бидам искрена добро ги толерирам), не претерувам со процесирана храна, не грицкам помеѓу оброците, и што е најбитно имам рамнотежна во внесот и потрошувачката, па затоа и немам и никогаш сум немала проблеми со килограмите, па дури и коа бев трудна.

Мојот тридневен ДЕТОКС покрај рестрикцијата во одредени намирници вклучуваше и 16/8 часа intermittent fasting.

Резултатот после 3 дена беше фантастичен, се чувствував и уште се чувствувам супер, имам многу енергија и сум 2 кg полесна. Иако целта не ми е да слабеам сепак среќна сум што се чувствувам одлично. Сега некако не ми се “уништува” оваа благосостојба, па со модификации ќе пробам да си продолжам и понатаму.

Што и како јадев?

Го следев правилото за intermittent fasting, значи јадев само во временска рамка од 8 часа, 16 часа го одмарав гастроинтестиналниот тракт. Последниот оброк го завршував во 20.00 часот навечер, а првиот оброк следниот ден ми беше во 12 часот напладне. Во тој период од 16 часа можете да пиете вода, незасладени чаеви, сок од лимон и кафе без никакви додатоци.

За предностите од intermittent fasting ќе напишам детален пост деновиве за да не ве замарам тука, затоа што има многу што да се каже, прочитав доста научни студии на оваа тема.

Во периодот од тие три дена јадев само овошје, зеленчук, јаткасти плодови и семиња, путер од јатки, суво овошје (но не кандирано со шеќер) и јајца.

Еве како ми изгледаа оброците:


Ден 1:

појадок: јаболко со 2 лажици путер од кикиритки и неколку индиски ореви;

ручек: зеленчуков потаж (чорба);

ги користев следните зеленчуци: праз, морков, тиквичка, компир, брокула и карфиол, маслиново масло и малку хималајска сол;

(се вари се заедно со вода, зеленчукот насечкан на коцки, јас понекогаш компирот, морковот и тиквичката ги рендам, се додава малку маслиново масло и хималајска сол и на крај кога е готово дел блендирам и го враќам назад во тенџерето);

вечера: салата од зелка и изрендан морков, зачинето со ладно цедено сончогледово масло, лимонов сок и хималајска сол, плус околу 50 g бадеми;

За ужинка помеѓу оброците јадев суви сливи, кајсии и по некој лешник. Испив и две кафиња без никакви додатоци, и 2 шолји планински чај – тоа беше се за првиот ден.

Јадев во период од 12 до 20 часот како што ви пишав погоре.


Ден 2

појадок: банана со путер од бадем, 1 мандарина;

ручек: печен зеленчук во рерна заедно со цела чинија свежа салата од марула;

(од зеленчук користев: компир (само 1), морков, тиква, модар патлиџан, тиквица, црвена пиперка и печурки, се исечкав на долгнавести парчиња како големина на прст, напрскав со маслиново масло, малку сусам и хималајска сол, печев на 170˚С околу 20-30 минути);

вечера: 2 варени јајца со краставица;

Помеѓу ручекот и вечерата го испив второто кафе заедно со ужинка која ми беше мешавина од лешник, бадем, индиски орев, 2 суви кајсии и 2-3 суви сливи. Првото кафе го пиев пред 12 часот со цеден сок од лимон и вода.


Ден 3

појадок: портокал и јаболко со путер од кикиритки;

ручек: варен грашок (манџа), но без запршки;

еве како ја правам манџата од грашок: во блендер ставам 1 кромид, 1 морков и доматно пире (доматното пире ми е домашно и нема никакви додатоци дури нема ни сол), се заедно блендирам и истурам во тенџере заедно со грашокот, додавам вода да се облие грашокот, зачинувам со малку хималајска сол и 2 лажици маслиново масло и оставам да се готви на тивко околу 1 час;

вечера: свежа салата од рендано цвекло, морков и зелка со семки од тиква и сончоглед, зачинето со маслиново масло, сок од лимон и хималајска сол;

Ужинката и последниот ден ми беше јатки и суво овошје во моменти кога ќе почувствував глад, но сепак не претерувајте со нив, јадете само по неколку колку да ви се згасне желбата за храна.


Помеѓу оброците пиев цеден сок од грејпфрут, портокал и лимон, но доста разреден, значи 1 лимон, 1 портокал и 1 грејпфрут ги исцедив и додадов 2 литри вода.

Во тие три дена имамв еден тренинг во сала (микс пилатес) и еден си направив дома, секако дека без вежбање не се може 😊

Ако се решите да пробате ве чекам со инфо како се чувствувате 😊


Ана на сликата ми е само поддршка таа секако е цело време на детокс затоа што воопшто не јаде готова храна, јаде само готвени оброци и ужинки од кујната на мама кои се без адитиви, без конзерванси и без било какви додатоци 😊


Можеби ќе ве интересира:

7 дневен предлог план за здрава исхрана

Водич за правилна исхрана

Што после празниците?

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистар по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *