3 најчести грешки со појадокот

Споделете со пријателите

Не за џабе се рекло дека појадокот е најважниот оброк во денот. Од начинот на кој ќе го стартуваме денот ќе зависи како ќе се однесуваме цел ден. Ако имате неправилен избор за појадок, тоа ќе се рефлектира понатаму на изборот на оброци во текот на целиот ден.

Комбинацијата на намирници за појадок треба да ги содржи сите макронутритиенти во соодветен однос. Само така ќе бидете сигурни дека сте внеле доволно хранливи нутрититетни во телото.

Во ред е да јадете и 2-3 часа после будењето (ако практикувате intermittent fasting), но појадок мора да имате.

Имајќи прилика да разговарам со повеќе луѓе и да ги споредам нивните навики, но и навиките на луѓето од моето блиску опкружување, решив да ги напишам и потенцирам најчестите грешки кои се прават со појадокот.

Тесто со јогурт

“Абе не јадам јас многу за појадок, едно мало ѓеврече и јогурт и тоа ми е цел ден” – ова е најчестата реченица која ја слушам и секогаш кога некој ќе ми каже така се трудам да објаснам каде греши. Кога би направиле нутритивна анализа на макронутритиентите кои ги има во ѓеврекот и јогуртот резултатот би бил околу 80% јаглехидрати и многу мал процент на протеини и масти. Овој процентуален однос не ги задоволува принципите на балансирана исхрана, а белото брашно и шеќерите од тестото го креваат инсулинот и само можат да направат после 2-3 часа од ваков оброк да се чувствувате прегладнети и без енергија. Дополнително покачениот инсулин е најголемиот виновник за таложење на масно ткиво околу стомакот.  

За појадок јадете само овошје

И јас бев еден период (пред неколку години) во таа група, јадев овошје наутро и после 1 час имав чувство дека можам да изедам планина.

Овошјето е прост шеќер – фруктоза и на исти начин како и тестото го зголемува нивото на инсулин. Ако јадете само овошје за појадокот ризикувате дека во текот на денот ќе се соочите со големи кризи на глад затоа што од една страна тука е инсулинот кој ќе си го направи своето, а од друга се и малкуте калории кои ги има во овошјето.

Ако треба да изедете 2000 калории во текот на денот, што мислите дали е во ред појадокот да биде 1 банана која содржи околу 100 калории? За цел ден ви остануваат уште 1900 калории што сигурно ќе ги изедете и тоа сконцентрирани во еден или два оброка, ќе се прејадете и само ќе се чувствувате лошо и безволно.

Овошјето е одличен избор за појадок, но искомбинирано со други намирници со што ќе се задоволи процентуалниот удел на макронутритиентите.

Пример, насечкајте едно јаболко на коцки, додадете 1 лажица путер од јатки, 1 лажица семки од сончоглед, малку таан и 2-3 лажици варени или киснати во вода овесни снегулки.

Ваква чинија е веќе сосема друга приказна, тука имате и протеини и масти кои одлично се надополнуваат со овошјето.

Јадете мусли или корнфлекс со јогурт или млеко

Јадењето мусли или корнфлекс ве тера да размислувате дека се храните здраво затоа што јадете житарици за појадок. Но, муслите и корнфлексот во кои има разни додатоци се полни со шеќери и непотребни калории. Овие намирници се само маркетиншка замка дека имате квалитетен и нутритивен оброк.

Целозрнестите житарици треба да ви бидат прв избор, секогаш купувајте само овесни снегулки или пак само јачменови без додатоци, варете си навечер цели зрна пченица, овес, просо, киноа, хељда. Можете дури да си подготвите неколку варени житарици во недела и да си имате за цела недела.

Додадете си во нив лажичка мед, некое овошје, путер од јатки или мелени јатки, таан и слично и еве го одличниот и нутритивен појадок кој ќе ве наполни со вистински калории и ќе има избалансиран сооднос на макронутритиенти.

Можеби ќе ве интересира: 5 идеи за балансиран појадок.

Драгана Младеновска

Аеробик и пилатес инструктор, Сопственик на FitLife Fitness Studio, Магистeр по фармација и диететика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *