3 причини поради кои килограмите ви стојат во место иако упорно се трудите да ослабете

На почетокот ви одеше супер…почнавте со вежбање и режим на исхрана и резултати имавте уште првата недела. Но, после одреден период како телото да стагнира, се трудите и дури и повеќе вежбате, а килограмите сепак си стојат во место.

Кои се можните причини за тоа?

Суштински, постојат три можни опции поради кои сте престанале да губите килограми.

  1. Рекомпозиција на телото – губите масти, но во исто време градите и мускули

Доколку диетата, односно режимот на исхрана го комбинирате и со вежбање после одреден период можеби ќе забележите стагнација на килограмите, но тоа не значи дека во вашето тело не се случуваат промени.

Трошењето на масните наслаги и истовремено изградба на мускулна маса се идеалната состојба која секој би ја посакал. Килограмите сами по себе не значат ништо. Мерете се во обем, правете споредби со старата облека, фотографирате се почесто….така ќе видите дека и покрај бројките на вагата вие сепак имате одличен напредок.

  1. Задршка на вода

Губењето на килограмите за жал никогаш не оди праволиниски, но сепак секогаш е потребна истрајност доколку сакате да успеете.

Една од причините што вагата си стои во место е можеби задршката на вода. Причините за задршка на вода можат да бидат многубројни.

Стресот предизвикува зголемено лачење на кортизол кој може да предизвика задршка на вода во телото, консумирањето на многу солена храна е исто така една од причините (солени сирења, сувомеснати производи, чипсови, крекри и сл.), хормонскиот статус исто така игра голема улога во задршката на вода во телото.

За да ги елиминирате причините најпрвин отпуштете се, затоа што стресот е најголемиот непријател на нашето здравје. Трудете се да се храните максимално балансирано и никогаш не досолувајте ја храната. Доколку се сомневате дека можеби имате некое хормонско пореметување, задолжително посетете ендокринолог.

  1. Калориски суфицит – јадете повеќе отколку што можете да потрошите

Многу често луѓето не си признаваат дури ни на себе си колку всушност јадат. Можеби вас не ви се чини многу, но во суштина многу намирници знаат да бидат многу калорични па лесно е да го надминете бројот на калории кои ќе ве однесат во калориски суфицит.

Пробајте барем 3 дена да водите дневник и запишувајте се што јадете. На крајот направете евалуација и пресметајте колку калории внесувате секој ден. Бидете внимателни, запишувајте ги сите ситници затоа што 200 калории можеби се кријат во шолја кафе со млеко и шеќер.

Доколку си најдете “грешка” и увидите дека со начинот на исхрана вие внесувате повеќе отколку што можете да потрошите тогаш задолжително направете одредени промени во исхраната.

Можеби ќе ве интересира: 7 дневен предлог план за здрава исхрана

Заклучок: Никогаш не верувајте и слепо на вагата, таа не е најрелевантниот показател за вашиот успех. Вложувајте во своето здравје, хранете се здраво и вежбајте редовно! Тоа е единствениот пат кој може да ви донесе успех.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *