5 вежби за утринско будење

Дали енергијата и концентрацијата често ве напуштаат во текот на денот, а навечер ве мачи несоница? Тогаш утринското вежбање е прав погодок за Вас.

Вежбањето наутро е најдоброто нешто што можете да му го поклоните на своето тело. Иако тоа за многумина претставува “луксуз”, затоа што обврските и работното време не дозволуваат да си посветите време за себе, сепак пробајте да украдете барем 10 минути веднаш по будењето и потрудете се да го замените утринското будење со кафе со утринско вежбање.

За да ви ја олесниме работата имаме 5 одлични вежби за совршен почеток на денот. Се што ви треба е мат простирка и тегови од 1 или 2 kg (опционално).

  1. Истегнување

Доколку користите тегови, земете ги во раце. Застанете со исправени нозе и колена и пробајте да се спуштите до доле, без да ги свиткате колената. Кога се исправате назад, убаво кренете се горе, исправете го ‘рбетот и рацете и полека спуштете ги рацете наназад како што е покажано на сликата. Вдишувањето направете го кога сте горе, а спуштајќи се надоле издишувајте. Повторете го ова 2 пати по 10 пати.

  1. Стомачни

Легнете на грб, свиткајте ги нозете во колена, а рацете исправете ги назад. Полека кревајте се кон горе и заедно со рацете исправајте ги и високо кревајте ги и нозете како што е покажано на сликата подолу . Потрудете се кога сте долу да вдишете длабоко, а горе да издишете.  Повторете го ова движење 2 пати по 10 пати.

  1. Мост

Легнете на грб и двете нозе свиткајте ги во колена. Полека кренете го задникот високо и задржете се во оваа позиција околу 10 секунди. Потоа продолжете ја вежбата со кревање на нозете наизменично горе, притоа внимавајќи задникот да не се спушти на под. Кога ја правите промената на нозете длабоко вдишете, а кога ја кревате ногата кон горе длабоко издишете. Повторете ја оваа вежба 2 пати по 10 повторување и со двете нозе.

  1. Склекови

Склековите се најнеомилената вежба за женската популација, но се една од најкомплетните вежби за цело тело.  Доколку ја немате силата во рацете и не можете да правите машки склекови, тогаш спуштете ги колената на земја и правете женски. Направете 10 склекови, па кратка пауза од 30 секунди и потоа уште 10. Кога се прават склековите, доле вдишувате, а кога ги исправате рацете нагоре издишувате.

  1. Plank на една рака

Застанете во позиција на склек и задржете се во оваа положба 10 секунди, потоа полека пробајте да ја исправите едната рака кон горе и да задржите кратко. Правете го тоа наизменично и со двете раце, како што е покажано на сликата. За поголем предизвик земете во рацете тегови од 1 или 2 kg. Вдишувањето најдобро е да го правите кога ја исправате раката горе, а издишувањето кога ја спуштате на под. Повторете ја оваа вежба 2 пати по 10 пати и со двете раце.

Краткото утринско вежбање ќе ви даде многу повеќе отколку првото утринското кафе кое го користите како ритуал за отворање на очите. Верувајте дека после ваков краток и енергичен тренинг и кафето ќе ви биде поубаво.

Утринскиот тренинг освен што ќе ви даде енергија во текот на целиот ден, ќе ви го намали и апетитот, ќе ви го разбистри умот и ќе ве направи помотивирани.

Драгана Младеновска

Магистер по фармација, Аеробик и Пилатес инструктор. Зависник од здрава исхрана и експериментирање во кујната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *